19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд AstraZeneca се огласија за милионите дози на вакцини откриени во италијанска...

Од AstraZeneca се огласија за милионите дози на вакцини откриени во италијанска фабрика

Од AstraZeneca објавија дека се пронајдени 29 милиони дози вакцини во фабрика во Италија наменети за Европската унија и за донации во посиромашните земји преку програмата COVAX предводена од Светската Здравствена Организација (СЗО).

На барање на Европската комисија, италијанските безбедносни сили извршија инспекција за време на викендот во фабриката „Каталент“ во Анањи, близу Рим и пронајдоа залиха на дози од вакцината „AstraZeneca“, пишува италијанскиот весник „Ла Стампа“. Италијански официјален претставник подоцна го потврди извештајот за инспекцијата и рече дека дозите ќе бидат испратени во Белгија.

Серија реакции на извештајот е показател за нивото на недоверба во ЕУ кон англо-шведскиот производител, што ги намали испораките на вакцини во Унијата до крајот на јуни на 100 милиони дози наместо 300 милиони дози во договорот со 27 членки.

Пронајдените 29 милиони дози на вакцини AstraZeneca се доволни за вакцинирање на 14,5 милиони луѓе.

“За време на инспекцијата, во близина на Рим беше откриена залиха од скоро 30 милиони дози. Сега е запленета”, изјави портпаролот на француската влада Габриел Атал пред новинарите по состанокот на владата. „ЕУ нема да страда поради туѓите грешки во врска со вакцинацијата“, додаде тој.

Европратеникот Питер Лизе, од истата партија со германската канцеларка Ангела Меркел, рече дека извештајот го оставил без зборови и ги повика од AstraZeneca да ја разјаснат ситуацијата.

Од AstraZeneca објаснија дека повеќето дози од фабриката на Каталент се наменети за ЕУ, а остатокот е за посиромашните земји преку програмата COVAX.

“Во моментов, не е планиран извоз, освен во земјите на COVAX. 13 милиони дози вакцини чекаат контрола на квалитетот, за да можат да бидат испорачани до COVAX”, соопштија од компанијата.

Останатите 16 милиони дози ќе бидат доставени во Европа во март и април, додаваат тие.

Марио Гаргиуло од Каталент, за Ројтерс изјави дека поседувањето 29 милиони дози вакцини во фабриката во Анагни е во согласност со вообичаената постапка и дека компанијата често има повеќе дози таму.

Европската комисија одби да го коментира случајот.

Претходно, УНИЦЕФ, во име на програмата за размена на вакцини COVAX, објави дека закажаната достава на вакцината во сите земји, вклучително и Виетнам, мора да се одложи поради доцнење во производството.

Спорниот погон на Halix

Официјален претставник на ЕУ рече дека некои дози пристигнале во фабриката од холандската фабрика за вакцини, управувана од Halix, подизведувач на „AstraZeneca“.

Фабриката во Анањи е задолжена за пакување на вакцините произведени во фабриката Halix и во фабриката во Белгија, управувана од подизведувачот Thermo Fisher Scientific.

AstraZeneca изјави дека фабриката исто така пакува дози добиени надвор од ЕУ во шишиња и дека тие ќе бидат испорачани во земјите на COVAX.

Двете фабрики за производство на вакцини во Белгија и Холандија се наведени како добавувачи на Унијата во договорот кој „AstraZeneca“ го потпиша со ЕУ во август.

Сепак, фабриката Halix сè уште не е одобрена во Унијата, бидејќи AstraZeneca сè уште не доставила доволно податоци на Европскиот регулатор на медицина. Исто така не е одобрена ниту во Велика Британија.

Вакцините произведени таму не можат да се користат во ЕУ се додека не се добие одобрување, што се очекува во наредните денови, објавија официјални претставници на ЕУ и AstraZeneca.

Не е познато зошто AstraZeneca не побара претходно одобрување за фабриката. Англо-шведската компанија одби да даде коментар.

Halix е наведен и како снабдувач на Велика Британија, кој ја повикува ЕУ да дозволи испорака на дозите произведени таму. Велика Британија досега не доставила ниту една вакцина AstraZeneca на Унијата, иако два британски погони се наведени и како добавувачи во договорот со ЕУ.

Од Halix изјавија дека започнале да произведуват вакцини за ЕУ ​​уште во декември и може да произведат околу пет милиони дози месечно. Но, компанијата не сакаше да открие колку дози на вакцина произвела до сега.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП