Следните рестриктивни мерки за кои размислува Комисијата за заштита од заразни болести, доколку дневните бројки на новозаболени растат, се продолжување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти. Дали се неопходни ќе се одлучува в понеделник. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека денес има помал број новозаболени во однос на вчера и очекува тој тренд на намалување да продолжи.
„Во смисла на дополнителни рестрикции следните чекори би биле зголемување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти. Тоа би било дополнително на овој лимит сега. Очекуваме бројот на новозаболени да се намали, како резултат на веќе воведениот полициски час. Денес имаме бројка на новозаболени под 1000, значи помалку во однос на вчера и очекуваме така да продолжи. Овие мерки го даваат резултатот во првите десет со четиринаесет дена, ќе ги анализираме податоците. Спремни сме да препорачаме и дополнителни мерки, но сметаме дека не се потребни. Одлука ќе носиме в понеделник“, рече министерот Филипче.

