29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија на 25-то место во светот меѓу земјите со најмногу банкарски филијали

Македонија на 25-то место во светот меѓу земјите со најмногу банкарски филијали

Македонија се наоѓа на 25-та позиција меѓу земјите со најмногу банкарски филијали по глава на жител или 24,1 филијали на 100.000 жители, според статистиката на Светска банка.

Банкарската индустрија се дигитализира со забрзано темпо, а некои експерти предвидуваат дека физичките филијали на банките постепено ќе застарат и може да исчезнат во одреден момент.

Сепак, излегува дека во повеќето земји низ светот, населението сè уште активно користи локации за физичко банкарство, вклучително и за време на пандемијата со Ковид-19. Останува да видиме како тоа ќе влијае на индустријата, но засега филијалите на банките немаат намера да исчезнат.

Најновите тековни податоци на Светска банка се од 2019-та година (т.е. пред пандемијата) и, според нив, на прво место е Сан Марино со 140,4 филијали на банки на 100.000 жители.

На второ место е Луксембург со повеќе од двојно помалку филијали (64,5 на 100.000 луѓе), а на трето место е Монголија со 63,9 банки на 100.000 луѓе.

Четвртото место е за Бугарија, бидејќи според податоците на Светска банка има 57,9 филијали на банки на 100.000 луѓе.

Топ 10-те ги комплетираат Сејшелите (55,1 филијали), Шпанија (49,7), Боливија (44,9), Црна Гора (40,9), Кинеската автономна територија на Макао (40,1) и Италија (38,8).

Швајцарија, која е позната по својот развиен банкарски сектор, е на 11-то место со 38,4 филијали за секои 100.000 луѓе.

Најмалку филијали на банки има во Украина (само 0,4 на 100.000 луѓе), Централноафриканската Република (0,7), Белорусија (0,8), Чад (0,8) и Демократска Република Конго (0,8).

Светскиот просек стабилно опаѓа, според податоците на Светска банка, што е доказ дека генералниот тренд е намалување на мрежата на филијали на повеќето банки. Во 2016-та година, тие биле 12,36 на 100.000 луѓе во светот, а до 2019-та година нивниот број паднал на 11,51.

Макао (322,70 на 100 000 луѓе), Јужна Кореја (267), Уругвај (259,30), Канада (214,1) и Соединетите држави (174) се на врвот на листата земји со најголем број банкомати по глава на жител.

Според податоците во Македонија има 61,5 банкомати за секои 100.000 луѓе, а на дното на табелата се Сиера Леоне (0,36), Етиопија (0,46), Јужен Судан (0,67), Чад (1,04) и Демократска Република Конго ( 1.31).).

За разлика од филијалите на банките, просечниот број на банкомати низ целиот свет се зголемува во последните неколку години. Од 38,3 во 2016-та година достигна 42,8 во 2019-та година, според статистиката на кредитната институција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП