26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИстражување: Повторна инфекција со коронавирус е ретка, но честа кај постарите лица

Истражување: Повторна инфекција со коронавирус е ретка, но честа кај постарите лица

Повеќето луѓе кои се опоравиле од Ковид-19 се заштитени најмалку шест месеци од повторна инфекција, покажува една неодамнешна студија, но постарите луѓе имаат поголема веројатност повторно да се инфицираат отколку помладите.

Студија објавена од реномираното медицинско списание „Lancet“ открива дека само 0,65 проценти од луѓето по втор пат биле позитивни на Ковид-19, откако претходно биле заразени за време на првиот и вториот бран на пандемијата во Данска. Ова е многу пониско од 3,27 проценти, колку што биле позитивни на вирусот по употрбата на многу поточните PCR тестови, откако претходно биле негативни на брз тест.

Но, студијата покажа дека луѓето постари од 65 години имаат само 47 проценти заштита од повторување на инфекцијата, во споредба со 80 проценти заштита кај помладите луѓе.

„Нашата студија го потврди она што многу други го сугерираа: повторна инфекција со Ковид-19 е поретка кај помладите, здрави луѓе, но постарите луѓе се изложени на поголем ризик да се заразат повторно“, рече Стин Етелберг од данскиот институт за серуми „Статенс“.

„Бидејќи постарите луѓе имаат поголема веројатност да имаат посериозни симптоми на болеста, и за жал умираат, нашите откритија појаснуваат колку е важно да се спроведат политики за заштита на старите лица за време на пандемија“, се додава во студијата.

Авторите на студијата не утврдиле дека заштитата од повторна инфекција се намалува за време на шесте месеци од болеста, но посочуваат дека се потребни дополнителни студии за да се утврди заштитата од повторна инфекција кај различни варијанти на вирусот.

Податоците кои беа предмет на анализа беа собрани со помош на данската национална стратегија за тестирање, во која беа тестирани 69 проценти од населението, или четири милиони луѓе, во текот на 2020 година.

Коментирајќи ги резултатите, професорите од Лондонскиот империјален колеџ Розмари Бојтон и Дени Алтман кажале дека резултатите покажале послаба заштита и биле „позагрижувачки“ од некои претходни истражувања.

„Овие податоци потврдуваат, ако воопшто и било потребно, дека не можеме да ги исполниме очекувањата за стекнување на заштитен имунитет против САРС-CoV-2 преку природни инфекции и дека трајно решение е глобална програма за вакцинација со високо ефективни вакцини“, велат авторите поврзани со ова истражување, објавено и во „Lancet“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП