Американската агенција за меѓународен развој УСАИД ги поддржува преработувачите на овошје и зеленчук во Северна Македонија и Косово во градење на конкурентност преку зголемен квалитет на производите. Основната цел на помошта е да го зајакне одржливиот развој на овие сектори. Насочена е кон зголемување на пазарните можности и продажбата, и стимулирање на меѓуграничната трговија и инвестиции. Посредно, очекувани резултати се и зголемено примарно производство и приходи за земјоделците – снабдувачи на преработувачите.
Поддшката ја спроведува Проектот за економски развој, управување и развој на претпријатија на УСАИД. Самите активности ги реализира Интегрирани системи за квалитет (IQS), водечка домашна компанија за консалтинг услуги за безбедност и контрола на квалитет на храна. Од јули 2020 год. IQS соработува со преработувачите во унапредување на квалитетот на производите како предуслов за конкурентност и иден раст на бизнисите. Домашните компании се запознаваат со интернационалните стандарди за безбедност и контрола на квалитетот, односно со барањата на ЕУ, СТО и малопродажбата (IFC, BRC, HACCP, ISO, итн.). Добиваат и помош при воведување на стандардите и нивна сертификација. Дополнително, IQS овозможува и трговски врски помеѓу македонските и косовските преработувачи и трговци за поттикнување на соработка и трговија. Активностите вклучуваат групни обуки, консалтинг за индивидуални компании и деловни средби.

