25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈавниот долг на САД до средината на векот ќе биде двојно поголем...

Јавниот долг на САД до средината на векот ќе биде двојно поголем од БДП-то

Јавниот долг на САД ќе се изедначи со вредноста на БДП-то во 2021-ва година и ќе биде двојно поголем до средината на векот, проценува независниот институт „СВО“, истакнувајќи дека тој не ги вклучува во проценките на ефектите од предложените стимулации поради кризата со Ковид-19.

Оваа година, државниот долг, изразен како удел во БДП-то, ќе достигне 102 проценти поради високото трошење поврзано со пандемијата на коронавирусот.

Во 2051-ва година, тој ќе достигне 202 проценти од БДП-то, пресметувано во долгорочните прогнози.

Потрошувачката значително ќе се намали во следните 10 години, намалувајќи го буџетскиот дефицит како дел од БДП-то од 10,3 проценти во оваа година на 4,4 проценти во просек во периодот 2022-2031 година, проценува „СВО“.

Во периодот од 2032-ра до 2041-ва година, дефицитот повторно ќе се зголеми, во просек 7,9 проценти и на 11,5 проценти од 2042-ра до 2051-ва година, посочува Конгресниот буџетски институт, истакнувајќи дека проценките се засноваат на тековните закони.

Проекциите не ги вклучуваат ефектите од законот за стимулација на претседателот Џо Бајден во висина од 1.900 милијарди долари или неговите планови да инвестира во инфраструктура, образование и истражување.

Значаен фактор во проценката на „СВО“ за акумулацијата на долг во следните децении е претпоставката дека каматните стапки ќе се зголемат од историски ниски нивоа со закрепнување на економијата од пандемијата.

Според проценките на институтот, приносот на 10-годишните државни обврзници во просек ќе изнесува 1,3 проценти помеѓу 2021-ва и 2025-та година и ќе се искачи на 3,0 проценти од 2026-та до 2031-ва година. До 2051-ва година тие треба да достигнат 4,9 проценти.

Во последниве недели, приносите на тие обврзници се зголемија во услови на оптимистички очекувања за закрепнување на американската економија и стравувањата од пораст на инфлацијата. Тие достигнаа 1,55 проценти во петокот, откако останаа под еден процент во поголемиот дел од минатата година, забележува „Reuters“.

Ниските каматни стапки значително ја намалија нето-каматната цена во САД, и покрај зголемувањето на долгот. Најавувајќи го стимулот на Бајден, министерката за финансии Џенет Јелен истакна дека пониските трошоци за камати отвораат фискален простор за поголеми трошоци, особено за програмите што го зголемуваат економскиот раст.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП