Споредбената анализа на еден од водечките информативни сервиси за централно банкарство и финансии во светски рамки, „Централ бенкинг“, открива дека нашата централна банка се вбројува меѓу централните банки коишто водат сметка за ангажирање квалитетни и посветени кадри, кои се клучен столб при изготвувањето и примената на здрави и издржани политики.
Во рамките на анализата, „Централ бенкинг“ објави и интервју со главната економистка на Народната банка, д-р Анета Крстевска. Во интервјуто е даден осврт на главните предизвици во процесот на постепено зајакнување на аналитичкиот и истражувачкиот капацитет на Народната банка во еден подолг период наназад, а заради следење на современите централнобанкарски трендови. Во објавата е даден осврт на кадровската политика на Народната банка, при што се нагласени залагањата за постојано вложување во кадарот, постојаната надградба на образованието и осовременување на знаењата, како неопходен предуслов за следење на динамичните промени во финансискиот систем и макроекономското окружување и соодветно приспособување на политиките.

