Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2021“ по осми пат ќе биде отворена во петок (26 февруари) во 12 часот на првиот кат во трговскиот центар „Капитол мол“ во Скопје. Организатор на настанот е Центарот за научно истражување и промоција на културата „ХАЕМУС“, а манифестацијата претставува дел од активностите поврзани со традиционалниот украс мартинките, како нематеријално светско културно наследство впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО.
Настанот ќе биде отворен до први март. Покрај музејска постановка со автентични амајлии од повеќе држави, ќе биде збогатен и со едукативни панели, продажна галерија со ракотворби и промоција на четири илустрирани читанки за деца за обичајот „Мартинки“ на македонски, англиски, албански и турски јазик, како и две боенки за деца на македонски и на англиски јазик.


