28 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„HSBC“ продолжува со исплата на дивиденда и покрај падот на профитот

„HSBC“ продолжува со исплата на дивиденда и покрај падот на профитот

Најголемата европска банка, „HSBC Holdings Plc“, соопшти дека ќе продолжи со исплата на дивиденда и ќе инвестира посилно во Азија, и покрај најавата за пад од 34% на годишниот профит, откако нејзиниот глобален бизнис беше сериозно погоден од пандемијата на коронавирусот, пренесува „Bloomberg“.

Најголемата европска банка се претстави малку над очекувањата на аналитичарите во 2020-та година, иако беше погодена од загуби во кредитите, со добивка пред оданочување од 8,8 милијарди долари, наспроти 13,4 милијарди долари една година порано.

Банката ги претстави плановите за инвестирање на околу 6 милијарди долари на брзорастечките пазари во Азија, особено во управувањето со богатството и рече дека ќе се прошири „надвор од Хонг Конг“, нејзиниот најголем пазар, вклучително и континентална Кина и Сингапур.

Во четвртиот квартал, прилагодената заработка падна за 50% од претходната година, на 2,2 милијарди долари, што е нешто повеќе од 1,8 милијарди долари што ги очекуваат аналитичарите. Загубите за оштетување од лошите заеми, во меѓувреме, се зголемија за 1,2 милијарди долари на 8,8 милијарди долари за периодот. Прилагодената добивка пред оданочување за 2020-та година се намали за 45% на 12,1 милијарди долари.

Банката во вторникот соопшти дека ќе започне да исплаќа 0,15 долари дивиденда по акција откако делумно беше укината забраната на Централната банка на Англија за исплата на акционери.

„Имавме добар почеток на 2021-ва година и јас сум претпазлив оптимист за следната година“, рече извршниот директор Ноел Квин во изјавата.

Квин и претседателот Марк Такер забрзуваат радикално преструктуирање на глобалните операции на „HSBC“ за да ја зголемат продуктивноста и да ги придобијат скептичните инвеститори кои распродаваа акции во последните неколку години.

Банката ќе префрли капитал од 100 милијарди долари во Азија, ќе премести голем број глобални деловни менаџери од седиштето на Обединетото Кралство во Хонг Конг, ќе укине 35.000 работни места во Европа и САД и ќе ги зајакне плановите да стане лидер на пазарот во Азија. Покрај тоа, во тек се преговори за затворање на бизнисот со банкарство во САД.

„Во 2020-та година, доживеавме економски и социјални пресврти во размер кој никогаш не го видела оваа генерација“, рече Такер. „Надворешното опкружување е променето од низа фактори – вклучително и влијанието на трговските тензии меѓу САД и Кина, Брегзит, ниските каматни стапки и брзиот технолошки развој“, додаде тој.

Акциите на „HSBC“ во вторникот пораснаа за 7% во Хонг Конг. Акциите се зголемија за скоро 18 проценти во оваа година, но остануваат повеќе од една петтина под нивото на пред-пандемијата на почетокот на 2020-та година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП