28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа прв пат во историјата: Кина, а не САД, е водечки трговски...

За прв пат во историјата: Кина, а не САД, е водечки трговски партнер на ЕУ

Кина е пред САД како најголем трговски партнер во Европа за прв пат во историјата, пренесува „CNBC“.

Извозот на ЕУ во Кина се зголеми за 2,2% во 2020-та година, а увозот на кинеска стока во Заедницата се зголеми за 5,6%.

За споредба, извозот од Европа во САД се намали за 8,2%, додека увозот на американски производи во ЕУ се намали за 13,2% на годишно ниво, според „Евростат“.

Ова значи дека трговијата со Кина веќе игра поголема улога во економиите на европските земји.

„Главната причина за овој тренд е фактот дека економското закрепнување на азиските земји по пандемијата е многу побрзо“, објаснува економистот на „ING“, Карстен Бржецки.

Во Кина, каде што беа регистрирани првите случаи на Ковид-19 пред повеќе од една година, не беше воведено второ заклучување, за разлика од многу европски земји, каде ограничувањата остануваат до денес.

Како резултат на тоа, економијата на Кина веќе се приближува до нивоата на пандемијата, додека економската активност во повеќето земји сè уште е задушена од ограничените мерки против коронавирусот.

„Во иднина, растечката улога на Кина како трговски партнер на Европската унија ќе има и политички последици. Европа ќе мора да донесе тешки одлуки и да го балансира своето технолошко партнерство со САД и трговските односи со Кина“, рече Бржецки.

Соединетите држави и Европската унија се судрија со Пекинг за изградба на 5G мрежи и трансферот на технологии.

Под раководство на Доналд Трамп, американската влада бараше странски компании да споделуваат технолошки информации доколку сакаат да добијат пристап до американскиот пазар.

Брисел и Вашингтон исто така отворено ја споделуваат својата загриженост за човековите права во Кина.

Како и да е, Европа се чини е подготвена да ги зајакне своите економски врски со Кина. Во декември беше потпишан нов договор, со кој се олеснува пристапот на европските компании до кинескиот пазар.

„Актуелната криза не ни остава друг избор освен да работиме рака под рака со нашите глобални партнери, вклучувајќи ја и Кина. Заедно, ќе можеме да се опоравиме побрзо и да работиме на проекти од заеднички интерес, вклучително и во областа на трговијата и инвестициите“, рече Комесарот за трговија на ЕУ, Валдис Домбровскис.

Сепак, договорот сè уште не е ратификуван од Европскиот парламент, а некои европратеници се многу скептични во врска со намерите на кинеската влада.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП