25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТуризмот пред нов крстопат, како домашните туристички места да бидат замена за...

Туризмот пред нов крстопат, како домашните туристички места да бидат замена за грчките плажи?

Процесот на вакцинација во Македонија започна, а со тоа се зголемија надежите на граѓаните дека годинава ќе може да се патува во странство. Но, проценките на здравствените власти се дека доколку во земјава на ден се вакцинираат по околу пет илјади лица целокупниот процес на вакцинација против вирусот Ковид 19 ќе заврши некаде кон почетокот на месец септември. Што значи дека многу тешко ќе биде без вакцинален пасош и ова лето да се стигне на некоја од морските плажи, бидејќи тоа го бараат сите земји од Европската унија, но и држави надвор од неа, во кои туризмот е една од главните стопански гранки. Туристичките работници сметаат дека час поскоро треба да се направи стратегија како да се придобие домашниот гостин, и да не се загуби уште една туристичка сезона. Со подобрена понуда и прифатлива цена за македонскиот џеб, фокусот на граѓаните од Македонија да бидат хотелите, одморалиштата и туристичките локации низ земјава. Државата пак најавува дека и годинава ќе доделува ваучери за семејства со приходи до 500 евра месечно за одмор во домашните капацитети.

Со доза на претпазливост во изјаваите и без поголеми очекувања за туризмот годинава е еден од најискусните туристички работници во Македонија, Ангел Иванов. Со тешки маки вели ја поминавме ланската година во нашата дејност, но како ќе биде оваа попрецизно ќе се знае откако ќе помине „кластерот зимување 2021 година“, вели за Денар Иванов. Неговиот став е дека ако воопшто има нова сезона тоа ќе биде ,,тивка експлозија,, повеќе имплозија од причина што ние сме се уште во категорија ,,црвена зона,, и покрај тоа што не бараме ПЦР тест за влез-излез за домашни и странски туристи. Но, смета дека ако се прават отстапки како за странски, така и за домашни туристи, хотелиерите нема да имаат можност за затварање, барем 250 дена, но сепак Ковидот има сериозно учество во ,,лок даунот,, и тоа е сериозен фактор за неуспех однапред.

„ЕУ државите сигурно ќе го воведат здравствениот пасош или сериозни ПЦР проверки, особено за ,,црвените,, земји. Домашните хотелијерски компании, ако планираат опстанок треба да работат со ТРГОВСКА маржа од 10-30%, а не вообичаената од 100-300 % што од нив направи големи компании, профити и дивиденди. Значи ако со трговската игра трговец-клиент ги направиме клиентите ,,партнери,, како што прават големите трговски вериги кои со попусти и награди ги привлекуваат бројните туристи и при тоа да се многу профитабилни, значи има ,,формула,, за успех и профит. Ние сме младо ,,капиталистичко,, општество и не верувам дека стопанствениците-капиталисти, ќе го делат профитот со клиентите или не дај боже вработените. Спасот е сезонско работење: кога е ниска сезона и жетва(се отпуштаат вработените) и се затвораат објектите, но кога е жетва и сезона е, тогаш вратите ширум се отвараат и жетвата е активна со СЕЗОНСКИ, жетварски цени, бидејки тоа треба да го покрие објектот 365 дена и да донесе дивиденда“, вели туристичкиот работник Ангел Иванов.

Иванов жали што нема доволно инвестиции во туризмот во Македонија, не само овој периот на здравствено-економска криза, туку за 30 години колку што како држава сме независни успеаа да не претркаат сите држави во опкружувањето по ова прашање. Според него туристичките агенции се особено голема приказна, која не ја сфаќа сериозно никој: ниту клиентите, ниту хотелиерите, ниту државата, која за да го намали вработувањето и грижата за тој проблем, преку министерството за економија  дели лиценци, како ,,летки од авион“, споредува Иванов.  

„Во 20 век туристичките агенции беа туристички КОМПАНИИ со бројни филијали и деловни единици, со сектори за домашен и странски туризам, со свои книговодства, свои правни служби, „инкаминг и аут гоинг туризам“. Сега агенциите се „уан мен бенд, дуќан- трговец – поеднинец“ со 2-4 вработени, само неколку се со над 20 вработени. Правев напори во СКТМ за окрупнување во поголеми туристички агенции од 20-30 вработени со спојување на 2-3 агенции од Скопје, со 2-3 од внатрешноста, и замислете туристички агенции со 2-3 деловници, во неколку делови на Скопје и 2-3 деловници во Радовиш, Тетово, Велес и да не набројувам други окрупнети комбинации. Но секој сака да биде капетан на бел коњ со ,,војска,, од 3-4 четири борци зад него. Една поговорка вели: колку капи, толку капетани“, додава Иванов.

Претседателот Стопанската комора Бранко Азески смета дека ако Владата и ресорните министерства, во изминатиот период се обиделе да размислуваат на ист начин како бизнисот, тогаш нема да има проблем да се усвојат следните мерки кои ќе не доведат до саканата цел. Но сега не станува збор само за мерки, туку потребни се сеопфатни планови како ќе се  придобијат домашните но и странските туристи годинава. Азески предлага да се воведат бесплатни ПЦР тестови за странски туристи и 24 часовен рок за издавање соодветен документ според директивите на Европска Унија на англиски јазик. Довршување на процесот на функционирање на развојните туристички зони. Дополнително и развој на руралниот туризам кој може со мали вложувања да отвори значителен број на нови вработувања.

 „Секои четири кревети во угостителски објект значат едно ново работно место. Или за инвестиции во 1000 нови објекти со просек од 15 кревети потенцијалот е 4.000 работни места. Сите досегашни анализи покажаа дека клучниот проблем во развојот на оваа гранка е разногласието во постигнувањето на таргетите, затоа што за оваа област во нашата држава секој е експерт. Токму затоа, почетната точка во градење на стратегијата треба да биде формирањето на Комитетот за туризам како врв на пирамидата кој ќе ги обедини сите напори и идеи за постигнување на основната цел, а тоа, уште еднаш ќе повторам, се извозниот потенцијал и поголемата додадена вредност. Во таа пирамида ќе бидат омеѓени најмалку 15 стопански дејности кој се врзани за туризмот. Тоа е вистинскиот мост кој ќе ги поврзе работите и ќе ја смени перцепцијата за овој сектор дека е неперспективен, дека нема развоен концепт и сериозно учество во бруто домашниот производ“, вели Бранко Азески претседател на Стопанската комора на Македонија.

Од друга страна пак од Министерството за економија за Денар велат дека нивните планови во делот на туризмот за годинава се рестартирање на туризмот, продолжување на кампањата за домашен туризам, поголема електронска промоција на странските пазари, и враќање на туризмот на ниво како што беше во 2019.

„Како Министерство за економија активно сме вклучени преку СТО (Светска Туристичка Организација) во прифаќање на светските протоколи за туризам се со цел Нашата Држава да биде дел од земјите кои ке бидат безбедни за туризам. Министерството за економија согласно Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи има предвидено активност за издавање на Ваучери за туризам во вредност од 12.000 денари. Мерката ќе ги опфаќа само вработените лица кои имаат вкупни приходи во семејство до 30.000 денари месечно. Ќе аплицират преку платформата ДОМАСИЕДОМА или PUSHIMENEVEND откако МЕ ќе објави повик за истото. Претходно МЕ ќе објави повик за Хотелите кои ке ги прифаќат Ваучерите за туризам“, велат за Денар од Министерството за економија.

Инаку, официјалните податоци велат дека лани само 40 отсто од поделените ваучери  од државата беа искористени од страна на граѓаните за домашен туризам. Ваучерот имаше вредност од 6000 денари, што за граѓаните тоа беше минимална сума која ќе ги натера да тргнат на патување. Сличен став имаа и хотелиерии и уште минатото лето, апелираа дека доколку ваучер мерката за туризам продолжи и годинава, субвенцијата од државата да биде барем 150 евра по фамилија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП