19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТретата по големина економија во светот продолжува да закрепнува

Третата по големина економија во светот продолжува да закрепнува

Јапонската економија порасна повеќе отколку што се очекуваше во четвртиот квартал од 2020-та година, продолжувајќи да се опоравува од најтешката повоена рецесија.

Ова се должи на обновеното зајакнување на странската побарувачка, што го стимулира извозот и потрошувачката на капитал.

Третата по големина економија во светот порасна за 12,7 проценти на годишно ниво во октомври-декември, според денешните владини податоци, што е над просечната прогноза на пазарните аналитичари кои предвидоа 9,5 проценти, пренесува „Reuters“.

Економската експанзија во последните три месеци значително се забави во споредба со третиот квартал, кога растот беше 22,7 проценти по укинувањето на вонредната состојба во мај.

Во текот на целата 2020-та година, обележана со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, јапонската економија падна за 4,8 проценти, што претставува прв годишен пад од 2009-та година.

Со два последователни квартали на солиден раст во минатата година, јапонската економија веројатно надокнади 90 проценти од загубите предизвикани од пандемијата, проценуваат аналитичарите.

Глобалниот раст на производството им го обезбеди на јапонскиот извоз и капиталните трошоци многу потребниот стимул за зголемување на испораките до бизнисмените во Кина, чија економија закрепнува релативно брзо.

Надворешната побарувачка или извозот минус увозот придонесе за раст на БДП-то во Јапонија за еден процент во последниот квартал, со раст на извозот од 11,1 процент.

Капиталните инвестиции исто така се зголемија за 4,5 проценти, што е прв пат во три квартали кога компаниите продолжија со трошењето што го одложуваа поради пандемијата во минатата година.

Приватната потрошувачка, што претставува повеќе од половина од БДП-то, зајакна 2,2 проценти, забавувајќи од претходниот квартал кога порасна за 5,1 процент, но сепак ги надмина пазарните прогнози за раст од 1,8 проценти.

Економските изгледи, сепак, остануваат многу неизвесни бидејќи Јапонија заостанува зад западните земји во однос на вакцинацијата и исто така поради новите мерки за ограничување поради ковид-19 воведени во јануари, кои, како што е најавено, ќе траат до почетокот на март, според британската агенција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП