2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто да рециклираме стакло и како да го направиме тоа?

Зошто да рециклираме стакло и како да го направиме тоа?

Учествувањето во рециклажниот процес на стаклениот отпад е само една од работите кои можете да ги направите за да придонесете за здравиот и квалитетен живот во вашата заедница. Тежок е само почетокот, додека да дознаете како соодветно се селектира стаклото, каде се одложува и какво стакло може да се рециклира. А потоа, кога селектирањето на стаклен отпад ќе ви премине во рутина, ќе ја почувствувате промената и во себе, но и во средината околу вас.

Секоја година човештвото генерира околу 359 милиони тони стаклен отпад – податок што и не е така изненадувачки со оглед на тоа што на светот постојат 7 милијарди луѓе. Меѓутоа, загрижува фактот дека само 17-18% од целата оваа количина се рециклира, а преостанатиот дел останува во депониите и на сите други локации каде не им е местото. Стаклото се разградува многу бавно – на едно стаклено шише му се потребни милион години за да се разложи и да стане дел од почвата. Тоа значи дека еднаш оставеното стаклено шише секогаш ќе го најдете на истото место каде што сте го фрлиле, доколку тоа не сте го направиле на соодветното место.

Првиот чекор за приклучување на рециклажниот процес е одложување на стаклениот отпад на правилното место. Во случајов, тоа се зелените „ѕвоно“ контејнери со мал кружен отвор на врвот од садот. Тие се лесно забележливи и многу едноставни за употреба, а се наоѓаат обично на тротоарите или во близина на прометните улици во населените места.

Стаклото е уникатно на толку многу начини. Мултинаменско и многу издржливо против надворешни услови, стаклото се употребува како материјал за огромен број садови за секаква намена. А уште една карактеристика што го прави уникатно е дека стаклото се рециклира во целост, односно 100% од материјалот може да биде реупотребен со што се заштедува и големо количество на енергија. Тоа е причина плус за да го одложите стаклениот отпад на правилното место – за тоа набрзо да стане нов сад кој можеби повторно ќе го сретнете по рафтовите во локалниот маркет.

Активната едукација во последните неколку години придонесе за зголемен интерес за одложување и рециклирање на отпаден материјал, меѓу кој и стаклото. Сѐ поголемиот интерес за вклучување во рециклажниот процес, пак, придонесе и за да се направат напори за зајакнување на отпадната инфраструктура. Од таа причина беше започнат и регионалниот проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан”, преку кој е предвидено набавување на нови контејнери за стакло и нивно поставување во повеќе пилот општини во три балкански земји, а кој е во организација на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), додека како локални партнери учествуваат Пакомак и Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС). Целта е мотивирање на населението да го одложува стаклениот отпад, а потоа и споредување на резултатите од проектот и воспоставување на долготрајна и одржлива стратегија за собирање на стаклен отпад. Како резултат на овој проект веќе се поставени контејнери за стакло во општините Илинден и Штип.

Просечното македонско семејство годишно употребува околу 500 стаклени тегли и шишиња. Ако ја земеме предвид гореспоменатата информација дека стаклото се рециклира 100% целосно, тогаш може да заклучиме дека со редовно и одговорно фрлање на стаклото, секое семејство технички може да ги користи истите 500 тегли и шишиња одново и одново. Дополнително, на тој начин се одржува домаќинство без стаклен отпад. Затоа, бидете одговорни према себе и околината. Следниот пат кога ќе го исфрлате стаклениот отпад, побарајте го зелениот “ѕвоно“ контејнер на Пакомак и направете ја правилната одлука. Селектирајте иднина!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП