Обновувањето на меѓународната трговија повторно ќе забави во првиот квартал од 2021-ва година, бидејќи пандемијата на коронавирусот ќе продолжи да создава пречки, според извештајот на ООН објавен во средата. Според него, меѓународната трговија минатата година се намалила за 9%, објави „Reuters“.
Откако блокадите предизвикаа намалување на трговијата за 15% во првата половина од 2020-та година, таа се опорави во втората. Меѓународната трговија на стоки се зголеми за околу 8% во последниот квартал од минатата година во споредба со третиот, покажуваат податоците на Конференцијата на ООН за трговија и развој (U.N. Conference on Trade and Development – UNCTAD), цитирани од „Reuters“.
Главната причина за закрепнување се земјите во развој, особено оние во Источна Азија, каде што трговијата со стоки се зголеми за 12% помеѓу септември и декември на годишно ниво.
„Економиите во Источна Азија се во процес на опоравување со силниот раст на извозот и зголемувањето на учеството на светскиот пазар“, велат од „UNCTAD“. Во извештајот се додава дека повеќето производствени сектори закрепнаа во четвртиот квартал, со исклучок на енергијата и транспортот.
Но, трговијата со услуги остана на ниво во третиот квартал, се вели во извештајот. Извозот на услуги од Кина, а во помала мера и од Индија, се претстави релативно подобро отколку во другите земји.
Европската унија забележа пад и на увозот и на извозот на стоки и услуги во опсег од 14-16% во првата половина од 2020-та година. За последниот квартал, увозот повторно падна и кај стоките (2%) и кај услугите (12%), покажуваат податоците засновани на проценки за предвидување во долари. Сепак, извозот се зголеми за 3% за стоките и се намали за 14% за услугите.
За првата половина на 2021-ва година, „UNCTAD“ предвидува пад на трговијата со стоки од 1,5% во споредба со претходниот квартал, како и пад на услугите од 7%, иако нагласува дека прогнозите остануваат неизвесни заради пандемијата и неизвесноста околу пакетите за стимулирање.
