„Electronic Arts“ (ЕА) соопшти дека го купува „Glu Mobile“ во договор од 2,4 милијарди долари. Така, гигантот во видео игрите има за цел да се прошири во деловната област во која има мал успех.
Зделката, која е целосно во готовина, се очекува да биде финализирана во кварталот што завршува на крајот на јуни. Тоа ќе им донесе на „Electronic Arts“ мобилни игри како „Kim Kardashian: Hollywood, Diner Dash“ и „MLB Tap Sports Baseball“. Акционерите на „Glu“ ќе добијат 12,50 долари по акција, што е премија од 36% на цената по која се затворија акциите на „Glu“ во петокот, соопшти „ЕА“.
За време на работното тргување во понеделникот, акциите на „Glu“ пораснаа за 34% на 12,56 долари.
„Ја склучивме оваа зделка затоа што веруваме дека мобилните понуди се најбрзо растечката платформа на планетата, кога станува збор за видео игрите“, изјави Ендру Вилсон, извршен директор на „ЕА“.
„Комбинацијата на овие две компании создава лидер на пазарот во стилот на живот и спортот“, додаде тој.
Вилсон додаде дека „Glu“, која има околу 800 вработени, ќе може да развива игри засновани врз интелектуална сопственост на „ЕА“ и да ја искористи експертизата на пазарот и неговото глобално присуство да расте. „Glu“ ќе биде интегриран во „ЕА“, но ќе продолжи да работи самостојно на игри за своето портфолио, а на чело е извршниот директор Ник Ерл, кој во минатото ја предводеше мобилната единица на „ЕА“.
„ЕА“ е втор по големина издавач на видео игри во Соединетите држави според пазарната капитализација по „Activision Blizzard“. Индустријата за видео игри освои многу во последната година, благодарение на побарувачката за време на пандемијата за домашна забава. Сето ова доведе до скок на инвестициите во спојувања и превземања.
Мобилните игри се одговорни за околу половина од скоро 175 милијарди долари што корисниците на игри ширум светот ги потрошиле на видео игри во минатата година, според проценките на „Newzoo“.