29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаботникот што ќе работи во недела ќе добие 50% повисока дневница и...

Работникот што ќе работи во недела ќе добие 50% повисока дневница и слободен ден!

Законското решение кое овозможува недела да биде неработен ден е во последни подготовки. Многу брзо се очекува предлог Законот да влезе во собраниска процедура. Во примена новиот Закон за работни односи кој ќе предвидува нови правила за недела да биде неработен ден се очекува да почне да се применува на терен од септември. Синдикатите ја поздравуваат оваа иницијатива но бараат строга контрола од страна на инспекторатот за труд. Бизнисмените сметаат дека загубите во оваа криза дополнително ќе се продлабочат.

Со последната измена на Законот за работни односи се предвидува недела да биде неработен ден. Ова Законско решение предвидува ден на неделен одмор, велат од Министерството за труд и социјална политика. Исклучок се дејностите кои се неопходни за непречено функционирање на општеството и дејности во кое е неопходно одржување на континуитет на работниот процес. Исклучоците се однесуваат во делот на пример: снабдување со вода, отстранување на отпад, сообраќајот, како копнен така и воздушен и воден транспорт. Социланата и здравствена заштита, пожарникарската служба, царинската служба.

„За работниците кои ќе работат во недела предвиден е надомест на плата кој што е соглсасно закон и колективен договор. Дополнително работникот во овие дејности кои се наведени како исклучоци во предлог законот покрај надоместокот за работа во недела ќе добиваат и слободен ден за што се уште се преговара во Економско -социјалниот совет. Надзорот ќе биде на државниот инспекторат за труд, работодавачите од наведените дејности од исклучоците, мора да пријават дека дел од нивните работници на одредени работни позиции ќе работат во недела. Доколку државниот инспекторат за труд направи увид, по допрен глас, или по друга пријава од страна на работници и се утврдат прекршување на правилата тогаш се препишува казна затворање од 15 до 30 дена, тоа уште се договара. И прекршочна мерка во паричен износ согласно законот за прекршоци“, велат од министерството за труд и социјална политика.

Според планот, во недела ќе работат бензинските пумпи, трговијата со струја, секој вид на транспорт, угостителскиот сектор, медиумите, болниците, телекомуникацискиот сектор, противпожарната служба, погребалните услуги, комуналните дејности, музеите, зоолошките градини и останати дејности  кои овој период се дефинираат. Во делот на трговската мрежа, предлог Законот предвидува да работат само трговски објекти до 200 квадратни метри површина кои се во склоп на бензиски пунпи на граничните премини на аеродромите, автобуските станици и железничките станици. Останатите трговски објекти законското решение вели дека нема да работат во недела, додаваат од ресорното министерство.

Од Стопанската комора за Денар велат дека ограничувањето на можноста за работа во недела, или наметнувањето на дополнителни трошоци за компаниите кај кои работењето во недела е дел од редовниот работен процес, ќе влијаат на нивната продуктивност, но и на нивната конкурентност на регионалните, но и на глобалниот пазар, а истовремено може да биде доведена во прашање атрактивноста на земјава како дестинација за странски инвестиции. Во многу сектори природата на дејноста е таква што не дозволува прекинување на работните процеси како индустријата, односно производствениот сектор, но бизнисмените сметаат дека потребно е обезбедување на работење на дежурни служби, односно непречено работење на придружни дејности кои се тесно поврзани со работењето на другите сектори како дистрибуција, достава, јавен превоз и превоз за сопствени потреби.

„Треба да се има предвид дека доколку се размислува за воведување на посебни ограничувања во трговијата, треба да се имаат предвид аспектите како тоа би се одразило на туризмот (примена на ограничувањата за време на туристичката сезона во главните туристички центри, и какви би биле ефектите врз локалната економија во населените места во пограничните региони, на пример Битола, Гевгелија или Скопје, (каде граѓани од соседни држави/потрошувачи патуваат за време на викенд во трговски и угостителски локали во Северна Македонија), односно да се проценат можните загуби од директните приливи кои овие лица ги оставаат во локалната економија – можност за загуба на „увоз на девизи“, како и ефектите од потенцијалните ограничувања кои може да се одразат на патување на наши државјани/потрошувачи во соседни држави во недела, заради посета на трговски или угостителски локали (кои работат во недела) – можност за „извоз на девизи“. Деловните субјекти ги поддржуваат заложбите за зачувување на семејниот живот на вработените, бидејќи само задоволен работник може да биде продуктивен и успешен во неговата работа, но укажуваат дека рамнотежата помеѓу приватниот и деловниот живот на работниците треба да се почитува и да се унапредува и во однос на остварувањето на сите останати права од работниот однос, а не само преку користењето на неделата како ден за неделен одмор, и овој принцип на високо почитување на сите права на работниците компаниите-членки на Комората доследно го почитуваат“, велат од Стопанската комора.

Во врска со одлуката на Владата денот недела да се прогласи за неработен ден, од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека организирале анкета меѓу своите членови која покажува дека повеќе од половината испитаници односно за 64,7 отсто прифатлива е политиката недела да биде неработен ден,  но дека мора да се дефинира каде процесите не смеат да застанат и што е неопходно да биде достапно како јавен интерес.

„Од испитаниците 85 отсто сметаат дека извесни дејности за потребите на граѓаните треба да работат и во недела, затоа потребно е да се одреди кои дејности треба да вршат дејност во недела бидејќи се поврзани со процеси кои не може да се прекинат. Од сондажата како исклучоци беа истакнати здравствени установи, компании од прехрамбена дејност, бензински пумпи, како и угостителски објекти за служење храна и пијалоци, но и шопинг центрите кои за време на викендите ги користат граѓаните но има посетители и од соседните држави“, сметаат од Сојузот на стопански комори.

Сојузот на синдикати е задоволен од ваквите напори на властите кои работат на закони кои ќе ги подобрат работничките права. Велат дека  социјалните партнери се согласија за нормално функционирање на државата и тоа е факт дека ќе има можност одредени работодавачи да работат, но само во определени дејности и тоа само оние работодавачи кои ќе можат да покажат дека технолошко-производствените процеси не смеат да се прекинат, значи не сите работодавачи во тие определени дејности.

„Останатите работодавачи и тие работодавачи чии технолошко-производствени процеси смеат да се прекинат во наведените дејности, а и сите работодавачи во дејностите кои не се наведени во исклучоците нема да смеат да работат. Во случај да го прекршат законот и да работат во недела, тогаш ќе следи соодветна ригорозна казнена мерка. За работниците во дејностите кои ќе припаѓаат под исклучоците, работодавачите ќе треба да им го платат работењето во недела согласно законите и колективните договори најмалку за дополнителни 50% на дневницата и ќе треба да одредат друг ден кој ќе биде ден за неделен одмор, а ССМ укажува дека тој ден треба да биде или денот кој му предходи или му следи на денот недела се со цел да се намалат злоупотребите што се случуваат сега кога на некои работници денот на неделен одмор (недела) им паѓа во среда или во други денови во неделата.“ Децидни се синдикалците.

Според првичните проценки околу 200 илјади работници ќе продолжат да работат во недела, а околу 500 илјади вработени во приватниот сектор со новиот закон ќе имаат загарантиран слободен ден во недела.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП