Стапката на невработеност во ЕУ и еврозоната остана на нивото од претходниот месец во декември 2020-та година, покажа најновиот извештај на Евростат.
Во декември 2020-та година, стапката на невработеност во Унијата со 27 члена, мерена според методологијата на Меѓународната организација на трудот (МОТ), беше 7,5 проценти, како и претходниот месец, според сезонски прилагодените податоци на Европскиот завод за статистика.
Стабилно беше и во еврозоната, останувајќи на 8,3 проценти.
Во декември 2019 година, во Унијата беше 6,5 проценти и во еврозоната 7,4 проценти.
Вкупно 16 милиони луѓе беа без работа во ЕУ во декември минатата година, од кои 13,671 милиони беа во еврозоната. Нивниот број се зголеми во споредба со ноември за 67.000 во ЕУ и за 55.000 во еврозоната.
Во споредба со декември 2019-та година, бројот на невработени во ЕУ се зголеми за 1,951 милиони и во еврозоната за 1,516 милиони.
Шпанија го држи врвот на црната листа
Највисоката двоцифрена стапка на невработеност повторно е забележана во Шпанија и Литванија во декември, со 16,2, односно 10,1 процент.
Според достапните податоци на Евростат, Чешка има најниска стапка на невработеност во декември, со 3,1 процент. Следат Полска и Холандија, со 3,3, односно 3,9 проценти.
Повторно, Европскиот завод за статистика немаше податоци за Естонија, Грција и Унгарија.
Зголемена невработеност кај младите
Стапката на невработеност во возрасната група под 25 години на ниво на ЕУ се искачи на 17,8 проценти во декември, од малку надолната ревизија од 17,5 проценти во ноември.
Во еврозоната се искачи на 18,5 проценти, од малку нагорната ревизија од 18,1 процент во ноември.
Во ЕУ во декември имало 3,138 милиони млади луѓе без работа, од кои 2,59 милиони во еврозоната. Во споредба со ноември, нивниот број се зголеми за 41.000 во ЕУ, и за 36.000 во еврозоната.
Во споредба со истиот месец една година порано, тој се зголеми за 438.000 во ЕУ и за 353.000 во областа на примена на заедничката европска валута.
Убедливо највисоката стапка на млади повторно ја забележа Шпанија, со 40,7 проценти. Во Италија беше 29,7 проценти, а во Литванија 26,9 проценти.
Германија повторно имаше најниска стапка на невработеност кај младите во декември, со 6,1 процент. Единствено и Холандија забележа едноцифрена стапка, од 9,5 проценти.