Бугарските власти соопштија дека разбиле криминален ланец кој печател фалсификувани банкноти и високо квалитетни документи.
Меѓу документите имало и лажен пасош со слика на американскиот актер Силвестер Сталоне, кој требало да ги импресионира потенцијалните клиенти.
И не само слика, туку убаво, на бугарски пишува за да може цел свет да ве разбере, името, татковото име и презимето: Силвестер Енцо Сталоне(Силвестър Енцио Сталоун)
Обвинителството обвини четворица бугарски државјани кои припаѓаат на организирана криминална група, која правела и продавала лажни бугарски документи, евра и американски долари.
Бугарските власти пребарале 30 локации во заедничка акција со Агенцијата за полициска соработка на ЕУ (Европол) и Американската тајна служба, соопштија обвинителите.
Шест лица се уапсени откако е пронајдена нелегална опрема за печатење банкноти и правење документи, како и голема количина на фалсификувани банкноти од 50 и 100 долари, пренесува Бета.