29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛагард: Опоравувањето од пандемијата може да биде одложено

Лагард: Опоравувањето од пандемијата може да биде одложено

Претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард се надева дека 2021 година ќе биде година на економско закрепнување од пандемијата, и покрај сериозните блокади и загриженоста за појавата на нови видови на Ковид-19.

„Се надеваме дека 2021 година е сè уште година на закрепнување, но во две фази. Првата фаза е очигледно онаа што ќе продолжи да биде оптоварена со многу високо ниво на неизвесност “, рече Лагард на панелот на 51. Светски економски форум во Давос, кој се одржува за прв пат во виртуелен формат од 25- 29 јануари, поради глобалната здравствена криза.

Еврозоната се соочува со зголемување на бројот на случаи со коронавирус, заострување на рестриктивните мерки и бавно воведување на вакцини, што му нанесува дополнителна економска штета на регионот, за кој се проценува дека паднал за повеќе од 7,0 проценти минатата година.

Според Лагард, сегашното економско опкружување „допрва треба да го помине мостот што доведе до закрепнување и се чини дека преминувањето на тој мост ќе се одложи малку, но тој не треба да излезе од шините“, пренесува CNBC.

Најновите економски податоци на ЕЦБ укажуваат на економски пад во последниот квартал на 2020 година, што, според Лагард, „ќе има влијание врз првиот квартал од 2021 година“.

Европската централна банка процени во декември дека бруто домашниот производ на еврозоната ќе изнесува 3,9 проценти во 2021 година, и 2,1 процент следната година, но тие предвидувања во голема мера зависат од развојот на пандемијата и брзината на вакцинирање на граѓаните.

Дури и кога регионот на единствена валута ќе достигне точка каде економиите-членки можат целосно да ги укинат ограничувачките мерки, ќе има дополнителни предизвици за да се обезбеди солиден економски раст.

„Економијата за која зборуваме веќе не е иста“, додаде шефицата на ЕЦБ.

Минатата недела ЕЦБ одлучи да го задржи непроменет својот огромен пакет паричен стимул. Нејзината пандемиска програма за купување итни обврзници, која може да трае до март 2022 година, изнесува дури 1,85 трилиони евра и има за цел да обезбеди поддршка на владите во еврозоната со поевтини трошоци за позајмица.

Каматните стапки на Европската централна банка, исто така, останаа на историски најниски нивоа за дополнително да се поттикне кредитирањето во регионот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП