20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА10-те најбогати заработија доволно за да платат вакцина за секого

10-те најбогати заработија доволно за да платат вакцина за секого

Богатството на десетте најбогати луѓе во светот се зголеми за уште 540 милијарди долари за време на пандемијата, се вели во извештајот на невладината организација Оксфам.

Тие пари би биле доволни за плаќање на вакцината за сите во светот, како и за да се спречи некој да падне во сиромаштија поради вирусот, се додава.

Во извештајот се наведува дека вкупното богатство на милијардерите е еднакво на парите што владите на земјите од G20 ги трошат за закрепнување од последиците од епидемијата – група која ги собира најразвиените земји во светот.

Затоа Оксфам, која обединува повеќе од 20 хуманитарни организации, апелира до владите да разгледаат дополнителни даноци за супер-богатите.

Сепак, иако богатството на најбогатите значително се зголеми за време на пандемијата, некои од нив дадоа многу пари на оние кои беа најсилно погодени од коронавирусот.

Извештајот, наречен „Вирус на нееднаквоста“, беше објавен во време кога светските лидери виртуелно се собираа на „Дијалогот во Давос“ во рамките на Светскиот Економски Форум.

Големата инвестиција на државите во економијата доведе до просперитет на берзата, што го зголеми богатството на милијардерите, а за тоа време, светската економија се соочува со најголема рецесија во овој век, се наведува во извештајот.

Богатството на милијардерите се зголеми за 3,9 трилиони меѓу 18 март и 31 декември 2020 година и сега изнесува 11,95 трилиони.

Таа бројка е еднаква на онаа што ја трошат владите на земјите од Г20 како одговор на пандемијата, се наведува во извештајот.

Меѓу десетте најбогати луѓе, чие богатство се зголеми за 540 милијарди долари од март 2020 година, се Џеф Безос, основачот на Амазон, Илон Маск, основачот на Тесла, како и Марк Цукерберг, основачот на Фејсбук.

Во извештајот се наведува дека Безос заработил толку многу до септември 2020 година што на сите 876.000 вработени во Амазон може да им даде бонус од 105.000 долари по лице и сепак да биде богат како пред пандемијата.

За тоа време, најсиромашните земји во светот може да се опоравуваат од последиците на Ковид-19 со децении.

„Оксфам“ проценува дека пандемијата доведе од 200 до 500 милиони луѓе ширум светот во сиромаштија, што го поништува падот на глобалната сиромаштија забележан во последните две децении.

„Сметаме дека ова е можност да се направи нешто радикално кога станува збор за градење поправеден начин на размислување за даноците на богатство, за даноците на доход, да се размислува за зголемување на основните права на секој граѓанин“, изјави Дени Срискандараџа од Оксфам за Би-Би-Си.

Повеќето луѓе живеат со од два до десет долари на ден, се вели во извештајот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП