29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБританскиот вид на коронавирус е позаразен и посмртоносен?

Британскиот вид на коронавирус е позаразен и посмртоносен?

Новиот вид на коронавирус, кој се појави во Велика Британија, покрај тоа што побрзо се пренесува, може да биде и 30% посмртоносен, покажуваат прелиминарните истражувања од Велика Британија.

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека новиот вид на коронавирус, откриен во Велика Британија, може да биде поврзан со поголема стапка на смртност, но исто така и дека и двете вакцини против ковид 19 кои се користат во земјата се ефикасни и против новите варијанти.

„Добивме информација дека, покрај фактот што се шири побрзо, сега има и некои докази дека новата варијанта, првично откриена во Лондон и југо-истокот на Англија, може да биде поврзана со поголема смртност“, рече Џонсон на прес-конференција.

Тој нагласи дека новиот вид е причината поради која британското здравство е под големо оптоварување и додаде дека Велика Британија можеби ќе мора да примени дополнителни мерки со цел да ги заштити своите граници од нови видови на ковид.

Директорката на Државната здравствена агенција на Англија, Сузан Хопкинс, наведува дека резултатите од истражувањето покажуваат дека новиот вид на коронавирус може да биде од 30 до 70 проценти поинфективен, и 30 проценти повеќе смртоносен, бидејќи предизвикува потешка форма на болеста, пренесува Гардијан.

„Резултатите од некои истражувања покажуваат дека новата варијанта на вирусот, која за прв пат беше откриена во Велика Британија, може да доведе до поголем ризик од смрт од првата варијанта на Ковид-19“, рече Хопкинс, додавајќи дека истражувањето сè уште трае за да се открие во целост како се однесува новиот вид на вирус.

Главниот научен советник на британската влада, Патрик Воленс, потврди дека постојат докази дека новата варијанта на вирусот носи поголем ризик од смртност.

„Ако земете, на пример, мажи во шеесеттите години, просечниот ризик е дека од 1.000 пациенти, грубо кажано, 10 од нив за жал ќе умрат од вирусот. „Со новата варијанта, за 1.000 пациенти, според груби податоци, може да се очекува дека ќе умрат од 13 до 14“, рече Воланс.

Новиот вид на вирус се прошири во повеќе од 60 земји во светот, предупреди Светската здравствена организација.

Бројот на луѓе во болниците во Велика Британија е за 78 проценти поголем отколку во екот на првиот бран во април, иако тој пораст сега се намалува во некои делови на земјата. Вкупниот број на смртни случаи поврзани со коронавируси во Велика Британија сега е 95.981, покажаа податоците.

Вкупно 5,4 милиони луѓе во Велика Британија примиле барем една доза на вакцина. Просечната дневна стапка на смртност беше повисока од 1.000 најмалку една недела.

Во нашата држава според Министерството за Здравство, сеуште не е детектиран случај со новиот вид на коронавирус.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП