19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКинезите претставија воз кој развива брзина од 620 км на час

Кинезите претставија воз кој развива брзина од 620 км на час

До крајот на минатата година во Кина имаше повеќе од 37.900 километри пруга за супербрзи возови

Кинеските инженери претставија прототип на супер брз магнетски воз, кој користи експериментална технологија на високо-температурни суперпроводници (ВТС). Дизајнерите на возот од Универзитетот Југозападен Јиаотонг тврдат дека возот ќе може да достигне брзина од 620 километри на час.

Возот бил тестиран минатата недела, на полигон во должина од 165 метри. Ова е прва комерцијална примена на високо-температурни суперпроводници, за кои не е потребен технички сложен и скап процес на ладење на екстремно ниски температури со помош на течен хелиум.

Како и другите возови што лебдат над пругите со помош на магнетно поле, и овој прототип левитира над пругата за да искуси што е можно помалку триење. Денг Зиганг, заменик директор на истражувачкиот центар за супербрзи возови, истакна дека ВТС технологијата овозможува возот да плови без постојан напон.

„Може да се помести со една рака“, рече Денг, а кинескиот „Ксинхуанет“ пишува дека еден од новинарите на презентацијата успеал да премести локомотива од 12 тони со еден прст.

Возот заеднички бил развиен од универзитетски експерти во соработка со кинеските железнички гиганти, China Railway Group Limited и CRRC Corporation Limited.

Технологијата ВТС претставува голем исчекор кон крајната цел на железничкиот транспорт – возовите со магнетна левитација патуваат во тунели со низок притисок. Тоа е концепт што максимално би ја елиминирал главната пречка во постигнувањето големи брзини, триење. Конвенционалните возови губат енергија и брзина со триење помеѓу тркалата и шините и на отпорот на воздухот. Бидејќи отпорот на воздухот се зголемува со брзината на возот, намалувањето на воздушниот притисок ќе овозможи постигнување брзина поголема и од 1000 километри на час.

Кина ја зазеде водечката позиција во светот во изградбата на брзи пруги во последните неколку години. До крајот на минатата година во Кина имаше повеќе од 37.900 километри пруги за супербрзи возови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП