26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо земјата на нафтата, никнува град само за пешаци

Во земјата на нафтата, никнува град само за пешаци

Саудиска Арабија, водечкиот светски производител на нафта, најави дека ќе гради град „без автомобили, улици и емисии на штетни гасови“ на брегот на Црвеното море.

„The Line“ е составен дел од проектот вреден 500 милијарди долари, што на државната телевизија го претстави принцот престолонаследник Мухамед Бин Салман.

Футуристичкиот град NEOM го објави Бин Салман во 2017 година, како клучен елемент на „Визијата 2030“, што треба да ја намали зависноста на кралството од нафта.

„Проектот вклучува град со милион жители, кој ќе се протега на должина од 170 километри и ќе зачува 95 проценти од природата во рамките на NEOM, без автомобили, улици и емисии на штетни гасови“, објасни Бин Салман.

NEOM ќе ги опфати индустриските и логистичките зони на површина од 26.500 квадратни километри, што треба да заврши до 2025 година, според Ројтерс.

„Ние мора да го трансформираме концептот на обичен град во футуристички“, додаде лидерот на земјата, која редовно е рангирана меѓу најголемите загадувачи во светот.

„До 2050 година, една милијарда луѓе ќе мора да се преселат поради зголемувањето на емисиите на СО2 и нивото на морето. Дури 90 проценти од населението дише загаден воздух“, рече престолонаследникот.

Градот за пешаци ќе има училишта, здравствени домови, зелени површини и брз јавен превоз, а патувањето помеѓу две дестинации нема да трае подолго од 20 минути, се вели во соопштението на NEOM.

Главната улога е наменета за вештачката интелигенција, односно градот ќе биде напојуван со „чиста“ енергија, „создавајќи поздрава и поодржлива околина за жителите, без загадување“.

Изградбата ќе започне во првиот квартал од оваа година, а проектот ќе биде финансиран од државниот инвестициски фонд, со кој кралството се обидува да ја прошири својата економија надвор од клучниот сектор за нафта.

Проектот ќе создаде 380.000 работни места и ќе го зголеми бруто домашниот производ на Саудиска Арабија до 2030 година за 180 милијарди риали (48 милијарди долари), се вели во соопштението.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП