Министерството за образование и наука ги повика наставниците да аплицираат на повикот за кариерен напредок во звањата ментор и советник, што подразбира и стекнување дополнителен паричен надомест.
„Се работи за право што произлегува од новиот Закон за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, креиран како дел од планот за темелна реформа на националниот образовен систем и има цел да влијае на личната мотивација на наставниците за работа и да придонесе за подигнување на дигнитетот и општествената важност на просветителската дејност. Повикот предвидува конкретни квоти за секоја општина, односно колку најмногу наставници во текот на оваа календарска година може да напредуваат во соодветното звање“, соопшти МОН.

