Потребно е систематско решавање на проблемот со одлагање на потенцијално-контаминираниот ковид-отпад од употребените заштитни маски и ракавици. Причината е поради начините на кои коронавирусот може да се пренесува. Научниците и лекарите во оваа смисла се согласни: фрлениот ковид-отпад претставува ризик за јавното здравје и за животната средина.
Станува збор за отпад кој голем број меѓународни испитувања и домашни експерти утврдиле дека е ризичен, бидејќи може да содржи траги од вирусот и патогени честичи кои можат да се пренесат во жив организам преку допир на контаминираната површина. На пример, како што објаснува Стево Темелковски, поранешниот заменик-министер за животна средина, овој вид отпад треба да се третира засебно, бидејќи ги загрозува пред сѐ комуналните работници и собирачите на секундарни суровини.
Во тој контекст, Центарот за еколошка демократија Флорозон во неколку градови во земјата, пред големите ланци маркети постави специјализирани корпи за заштитните маски и ракавици со цел нивна примарна селекција. Флорозон во соработка со комуналните претпријатија и бизнис секоторот овозможи повеќе-секторски пристап за делумна контрола и управување со ковид-отпадот. Сепак, на национално ниво мора да се имплементира системско решение за ова прашање.
Секој проблем што го имаме генерално со отпадот се мултиплицира со коронавирусот. За колкав проблем станува збор? Каква е подготвеноста за тоа во Република Северна Македонија? Дали е потребен посебен систем за собирање на ковид-отпадот за да се спречи ширењето на заразата преку него? Како во моментов човештвото се справува и со овој предизвик?
Дознајте повеќе во Истражувачките стории подготвени во рамки на проектот “Биди одговорен за себе и за нашата животна средина и во услови на пандемија”, имплементиран од Центар за еколошка демократија Флорозон, финансиски поддржан преку одделението за соработка со невладините организации при Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија. Сториите се достапни на Сторија 1Сторија 2Сторија 3