26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропската комисија ја одобри вакцината на „Фајзер“

Европската комисија ја одобри вакцината на „Фајзер“

Европската комисија вечерва ја одобри вакцината против Ковид-19 изработена од „Фајзер“ и „Бионтек“, по позитивната препорака од Европската агенција за лекови (ЕМА).

„Денес пишуваме ново поглавје во европската успешна приказна. Ја одобривме првата безбедна и ефикасна вакцина против Ковид-19“, рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Фон дер Лајен посочи дека наскоро ќе пристигнат уште неколку вакцини и дека вакцината одобрена денес ќе биде достапна во сите земји-членки во исто време и под исти услови.

„Ова е добар начин да се заврши годината и да се отвори нова страница во борбата против пандемијата“, додаде таа.

Европската агенција за лекови претходно даде одобрение за вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“, по што Комисијата ги провери сите елементи потребни за условно одобрение за ставање во промет и се консултираше со сите земји-членки пред да донесе одлука.

„Ова е одличен ден за Европа, ден на вистинска европска солидарност на дело“, рече комесарката за здравство, Стела Киријакидес.

Земјите-членки на ЕУ, вклучувајќи ги Германија, Франција, Австрија и Италија, објавија дека планираат да започнат со вакцинирање на 27 декември, обидувајќи се да ги достигнат САД и Велика Британија, каде што вакцинациите започнаа на почетокот на овој месец.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП