Американскиот производител на лекови „Фајзер“ се пожали на кршење на доверливоста, откако една политичарка во Белгија ја објави цената на дозата на вакцина против Ковид-19, што ja нарачала таа држава.
Белгискиот државен секретар Ева де Блекер на Твитер објави табела со бројот на дози и цената за секоја доза на секоја вакцина, по триесетчасовната расправа за белгискиот буџет во парламентот, пренесува Ројтерс.
За многу кратко време потоа, таа го избриша својот твит.
Фајзер и неговиот германски партнер Бионтек, чија прва вакцина против Ковид-19 е одобрена од западните регулатори, се едни од добавувачите во ЕУ, вклучително и Белгија.
Елизабет Шрепен, портпарол на американскиот производител на лекови за земјите од Бенелукс, за белгискиот весник „Соар“, изјави дека објавувањето на деталите претставува кршење на доверливоста.
„Овие цени се опфатени со клаузулата за доверливост во договорот со Европската комисија“, рече Шрепен.
Табелата објавена од Де Блекер покажува дека белгиската влада платила 12 евра по доза, за да купи околу пет милиони дози од вакцината на Фајзер.
Извори запознати со ова прашање за Ројтерс, изјавија дека ЕУ се согласила да плати 15,50 евра по доза за истата вакцина.
Белгиската цена не влијае на неповратните исплати од стотици милиони евра што ЕУ им ги даде на многу производители на вакцини со цел да им се обезбедат дози, изјави еден претставник на ЕУ за Ројтерс.
Владите на ЕУ го плаќаат остатокот кога ќе ги добијат своите дози.
„Не можеме да кажеме ништо за овој случај, сè што е поврзано со вакцините и цените е опфатено со клаузули за доверливост, во интерес на општеството, а исто така и во интерес на тековните преговори“, рече портпаролот на Европската комисија.