По 10-месечната борба со пандемијата, почина досега најмладата медицинска сестра – жртва на коронавирусот. Станува збор за 40-годишната сестра Ирена Дојчиновска-Милошевска од Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ во Скопје, која беше голем борец и хуманитарец во и надвор од своите работни обврски.
„Сакаме да апелираме и да потенцираме дека вирусот е навистина безмилосен и не постојат рамки на возраст во којa тој напаѓа. Ова не е првата жртва медицинска сестра, меѓутоа е најмладата. Медицинските сестри секојдневно го ризикуваат својот живот и животот на своите најблиски за пациентите. Ве молиме придржувајте се до мерките и помогнете на здравствениот систем кој одамна се бори надвор од своите можности“, велат од извршниот одбор на Унијата на Здружението на медицинските сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС).

