25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Австрија ќе и бидат потребни 100.000 луѓе за работа

На Австрија ќе и бидат потребни 100.000 луѓе за работа

Реформите во областа на грижата за стари и изнемоштени лица и состојбата на пазарот на трудот беа централните теми на прес-конференцијата одржана во центарот на австриската влада во Виена, од министерот за здравство и социјална заштита Рудолф Аншобер и министерката за труд Кристин Ашбахер.

Аншобер најави реформа во областа на грижата за стари и изнемоштени лица.

„До крајот на јануари треба да биде подготвен сеопфатен и значаен пакет мерки“, рече Аншобер, а пренесува „Вечерњи лист“.

Тој истакна дека во Австрија, медицинскиот персонал е дефицитарна работна сила и дека ова е најважната работа на која треба да се фокусираат.

„Моментално имаме 127.000 луѓе кои работат во областа на грижата, но повеќе од 30 проценти се постари од 50 години и ќе заминат во пензија за околу 10 години“, рече австрискиот министер за социјална заштита, додавајќи на тоа дека ќе им бидат потребни до 2030 година не помалку од 100.000 нови медицински сестри.

Аншобер истакна дека тоа може да се постигне само со „преквалификација“ или едукација на одреден број луѓе за таа професија. И со овозможување влез во полето на грижа „без никакви бариери“ со фокус на оние 7 проценти кои се образовани за таа работа, но во моментов не ја работат таа работа, од различни причини, вклучително и финансиски. Тој посочи на потребата од зголемување на платите на вработените, без кое тоа е невозможно во областа на здравството и грижата.

Министерката за труд Ашбахер рече дека владата издвоила 700 милиони евра за „корона офанзивата“ за спасување и отворање на нови работни места.

„Грижата и здравјето се носечки столбови на новиот пакет за финансиска поддршка“, истакна Ашбахер. Таа додаде дека во оваа област во моментов има 10.000 невработени. Таа најави создавање на нови 7.000 работни места за медицинскиот персонал.

Посебна офанзива во таа насока беше иницирана од Австриската служба за вработување (АМС) заедно со Министерството за труд, кое и покрај корона кризата, веќе започна со дополнителна обука на невработените за овие многу барани, но дефицитарни занимања во Австрија.

Како што нагласи министерот, невработените и лицата регистрирани во АМС кои се вклучиле во процес на дополнително образование или доквалификација за медицинска професија, може дополнително да побараат и бонус за образование, покрај додатокот за невработеност.

„Австрија има огромна потреба од работна сила во областа на здравството и грижата“, рече Ашбахер. Таа додаде дека и покрај тешките последици што ги остави корона кризата на пазарот на трудот, државата сепак е „динамична“ и привлечна, пред се за техничкиот и информатичкиот персонал.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП