Речиси десет милиони евра долг, кој е генериран по разни основи, наследил новиот генерален директор на „Пошта“, Јани Макрадули. Тој за долговите вели дека не се директно виновни оние што раководеле со „Пошта“, туку владите. Загубите се направени со мерки како простување на долговите на граѓаните, укинувањето на радиодифузната такса, одлуки што не ги донел менаџментот. Макрадули е убеден дека компанијата може подобро да работи.
„Ние бевме директно погодени од ковид-пандемијата и по тој основ, како и намалениот обем на работа, добивме помош од Владата. По пропаѓањето на Еуростандард банка, драстично се намали приливот. Во овој момент главната цел е финансиско стабилизирање, елиминирање на непотребните трошоци, наоѓање нови коминтенти и клиенти, повеќе инвестиции во рамките на решенијата што може да ја помогнат финансиската ситуација, пред сè, тоа е процесот на дигитализација и вложување во животната средина. Враќањето на репутацијата што порано ја имаше ‘Пошта’ е приоритет на кој работиме. Средствата што ги даде Владата ќе бидат насочени за исплата на платите“, рече генералниот директор Макрадули.

