25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВакцинирањето во земјава ќе започне до март и ќе биде бесплатно

Вакцинирањето во земјава ќе започне до март и ќе биде бесплатно

Вакцинирањето за Ковид-19 ќе започне во првите два-три месеци од следната година, најави министерот за здравство Венко Филипче.

Ќе се примаат по две дози, а во 21 ден по втората доза се очекува лицето да се стекне со имунитет.

„Во делот на набавката на вакцините, да повторам дека се веќе се обезбедени 833 илјади вакцини за 400 илјади граѓани преку КОВАКС механизмот. Тоа е механизам на СЗО и глобалната Алијанса за имунизација во која учествуваат сите соседни земји освен членките на ЕУ. Покрај овој механизам веќе доставивме барања за директни договори до две светски компании Астразенека и Фајзер за нивните вакцини и после нивните иницијални одговори, сега ја чекаме и дефинитивната потврда дека дополнтелна количина ќе можеме да набавиме директно од компаниите“, рече Филипче.

Освен тие вакцини, министерот вели дека ќе биде искористен и механизмот кој го понудија дел од членките на ЕУ.

„Беа договорени 400 милиони дози за граѓаните на ЕУ, а од кои 100 милиони за земјите кои не се членки на Унијата. Иницијална понуда добивме од Полска и од Грција. Освен тоа аплициравме за 800 илјади допоплнителни дози“, истакна министерот.

Фрижидерите на -70 степени кои служат за чување на вакцините се набавени од американска фондација, која министерот не ја именуваше и тие ќе пристигнат на почетокот на јануари.

„Вакцинацијата ќе се врши во постоечките наши капацитети, а тоа се вакциналните пунктови и болниците. Ќе се спроведе еден брз процес на тренинг за вакцинирање, сите здравствени работници ќе бидат соодветно обучени. Веќе имаме соодветна експертиза во делот на здравствените работници кои работат во вакциналните пунктови“, рече Филипче.

Цената на вакцината изнесува 10 долари, но таа за граѓаните ќе биде бесплатна.

Пациенти кои прележале Ковид ќе можат доколку сакаат да се вакцинираат, но сепак ќе постои приоритетна листа.

Како приоритет ќе се вакцинираат сите здравствени работници кои работат во ковид центрите или се директно изложени или работат со заболени или суспектни. Понатаму, делот на здравствени работници коишто работат со земањето на брисеви, граѓаните над 65 години и пациентите со хронични болести во делот на хронично белодробни и кардиоваскуларни болести според шифрите на дијагноза преку системот Мој Термин, како и вработените во критичната инфраструктура и транспорт.

„Епидемијата е сѐ уште многу силна. Има навистина многу голем број на заразени. Пред нас престои еден период на традиционални семејни собири и слави. Апелирам и замолувам сите да се воздржиме од такви прослави и собири, сигурен сум дека следната година новогодишните и сите други празници практично ќе се слават како што тоа било порано. Но, оваа година сите да ги почитуваме мерките, да не се групираме заради тоа што тоа е најефикасниот начин на спречување на патот на заразата“, апелираше Филипче.

На прашањето во однос на тоа кои категории граѓани треба да се вакцинираат, претседателката на Комитетот за имунизација д-р Александра Грозданова потенцираше дека правилото за примање вакцина, како за сите други вакцини така и за ковид вакцината, е да истата се прими во општа добра здравствена состојба.

„Пациенти коишто прележале ковид, во зависност од состојбата во којашто се наоѓаат и временскиот период, секако доколку сакаат можат да ја примат вакцината, но имајќи во предвид дека ќе имаме приоритетна листа ќе треба на некаков начин да се приоритизираат токму со тие категории. Како што спомна министерот, здравствените работници директно изложени на работа во ковид центрите, тие коишто ги третираат или работат со пациенти, микробиолошките лаборатории и тие коишто ги тестираат и потоа секако хронично болните. Од хронично болните ќе се прави приоритизација во зависност од нивната здравствена состојба, најчесто се тоа кардиоваскуларните заболувања, респираторни, малигни заболувања и секако еден параметар ќе биде возраста кај пациентите, поприоритетна ќе биде повозрасната група пациенти. Во моментот со оваа категорија вакцини не се опфатени децата. Врз основа на резултатите од клиничките испитувања, после 21 ден од втората доза би можело да се очекува покачување на титерот на заштитните антитела. Кога вистински ќе дојде, ќе видиме индивидуално меѓутоа повторно ќе кажам како и за секоја вакцина после примање на втората доза најмалку во тој период од еден месец би се очекувал заштитниот ефект на вакцината“, истакна Грозданова.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП