26 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија 2025 ги зајакнува своите програмски активности

Македонија 2025 ги зајакнува своите програмски активности

macedonia2025

На прес конференцијата одржана денес, Македонија 2025, на чело со Мајк Зафировски, го најави овогодинешниот Глобален инвестициски самит за Македонија. Самитот на кои ќе присуствуваат некои од најистакнатите имиња од светската бизнис елита, како и голем број бизнисмени од Македонија, дијаспората и други заинтересирани интернационални инвеститори, ќе се одржи од 8 до 10 октомври во Охрид.

Вториот Глобален инвестициски самит за Македонија ќе биде фокусиран на конкурентноста на Македонската економија и можностите за нејзино унапредување преку иновација, претприемништво и трансфер на знаења.

Зафировски го потенцираше значењето на овој самит надоврзувајќи се на ланскиот на кој присуствуваа 350 врвни домашни и странски бизнисмени, дипломатски и владини претставници. Тој порача дека  и оваа година организаторот, Македонија 2025 очекува голем број бизнисмени од Македонија, дијаспората и други заинтересирани интернационални инвеститори. Регистрацијата е отворена и веќе постои голем интерес кај компаниите за учество.

„Имавме фантастични оценки од учесниците за панелите, говорниците, организацијата и можностите за бизнис средби. Минатата година на наше големо задоволство специјални гости говорници беа Сами Елхаџ – Нокиа Сименс, Др. Курт Гајгер – Рајфајзен Банк и Хубертус ван дер Ваарт – СЕАФ, а оваа година до овој момент имаме потврдено 15 говорници на тема иновации, истражување и развој и претприемништво. Имам чест да најавам некои од врвните директори на светски познати корпорации  кои доаѓаат во Охрид како потврдени говорници: Сенди Ог – еден од главните партнери во Блекстоун, Крис Галвин – поранешен прв човек на Моторола, Златко Тодорчевски – главен финансиски директор во Брамблс, Ален Мидлтон – извршен директор на Шулих Школата за Бизнис (една од десетте најдобри бизнис школи во светот) и Др. Џон Кол од Бомбардиер“, истакна Зафировски.

Мајк Зафировски ги сподели своите сеќавања на овој ден пред 50 години. Тој, емотивно и свежо се сеќава на утрото кога Скопје беше жртва на катастрофалниот земјотрес во кој животот го загубија 1.070 жители а 200.000 ги загубија своите домови.

‘‘Ова е вистинско време за демонстрирање на духот на солидарност и помош во изградба на македонската економија. Време е македонските бизнисмени од дијаспората да земат активна улога во процесот. Нашата цел е поддршка на македонскиот бизнис преку споделување на нашето знаење и бизнис релации со цел стимулирање на инвестиции, иновации, претприемништво и трговија. Упатуваме отворена покана до македонските компании да ни се приклучат и да ги искористат бизнис можностите на овој исклучителен настан“, дополни Зафировски. Зафировски се осврна и на програмските активности на Македонија 2025, наведувајќи дека организацијата бележи континуиран развој, пред се отворањето канцеларија во Скопје како основа за поширок опсег на активности во Македонија. Меѓу позначајните активности ги наброја: Глобалниот инвестициски самит за Македонија, Студиската програма за извршни директори во Торонто, Проектите Лидер и Мотивирање на иднината. Организацијата има нов претседавач на Комитетот за економски развој – Вера Ставроф и Комитетот за дијаспора и настани – Енди Пејков, го шири своето глобално членство и од септември ќе има нов извршен директор, со седиште во Торонто, Канада.

Претседавачот на самитот Зоран Мартиновски,  ја претстави неодамнешната студиска посета на Торонто, Канада во која учестуваа 12 извршни директори на македонски компании кои имаа можност да посетат некои од најуспешните канадски компании, а потоа и да го следат курсот Стратешки промени за извршни директори на Шулих Школата за Бизнис. Тој ги потенцира главните цели: „Посетите на компаниите имаа за цел стекнување нови искуства и знаења за бизнис процесите и начинот на работа на овие компании, остварување на нови контакти за идни соработки, промоција на трговската размена и промовирање на Македонија како дестинација за странски директни инвестиции. Македонските извршни директори беа воодушевени од можноста за посета на ваков извонреден бизнис курс.“

Митре Кутановски изјави: „Движечка сила на македонската економија треба да е претприемништвото и иновацијата. Малите компании се основата на економијата, но големите странски инвестиции се носители на новите знаења и технологии. Нашата цел е да ги промовираме индустриите како информациски технологии, производство на органска храна, енергија и природни ресурси, инфраструктура, текстил и други конкурентни сектори.

Посебна тема на конференцијата беше и инвестицискиот фонд СЕАФ Македонија I, и според Мајк Зафировски ова е прв фонд од ваков вид, покренат од инвеститори од Дијаспората. Македонија 2025 и СЕАФ работат интензивно на неговото поставување и веруваат дека пред овогодинешниот самит фондот ќе биде во подготвеност за инвестирање.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП