Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ во која се вклучени повеќе здруженија денеска по повод 1 декември, Светски ден на борба против Сида, информира дека и во услови на криза, граѓанските организации низ државата секојдневно спроведуваат теренски и стационарни услуги за превенција, тестирање и поддршка поврзана со ХИВ помеѓу клучните популации, предвидени со програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција.
Покрај справувањето со ХИВ, како што се посочува, организациите прават и дополнителни напори за да ја стават постојната инфраструктура за ХИВ во функција на справувањето со Ковид-19, и тоа преку задолжително информирање на корисниците за превенцијата и заштитата од Ковид-19 и поддршка во искористувањето на постоечките владини мерки, обезбедување и дистрибуција на заштитна опрема за корисниците на услугите, доставување на редовна терапија за ХИВ до пациентите од другите градови, во соработка со Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, за да се избегне непотребно патување до Скопје на оваа група пациенти, кои се под поголем ризик, обезбедување симптоматска терапија за корисниците за дрога, како и заштитна опрема и материјали, материјална помош во вид на храна, хигиенски производи, суплементи, лекови и облека за сексуални работнички, бремени жени и новороденчиња.

