19 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБанкарски советник: Што треба да знаете пред да одите во банка за...

Банкарски советник: Што треба да знаете пред да одите во банка за да платите сметки?

Живееме во време на пандемија, кога треба да ги сведеме излегувањата во гужви на минимум. Една од неизбежните работи кои мораме да ги направиме, што особено важи за повозрасната генерација, е одењето во експозитура на банка, пошта, експозитура на телекомуникациски оператор, пункт за струја, вода, парно итн.

Луѓето најчесто одат во банка за да извршат плаќање на своите месечни сметки за комуналии и тековно одржување, да извадат пари од својата трансакциска сметка, да подигнат пензија или да аплицираат за кредит.

Пред да се одлучите да заминете во некоја од банките, добро би било да ги знаете овие неколку работи.

Најголем дел од банките веќе подолг временски период имаат електронско банкарство кое може да се користи на компјутер, а добар дел од банките имаат и мобилно банкарство кое се користи и преку мобилните телефони.

Се што треба да направите е да побарате од вашата банка инструкции за користење на електронските услуги и да активирате соодветен пакет според вашите потреби.

Добар дел од банките за активирање на електронско банкарство не бараат ниту еднаш да се појавите во нивните експозитури, туку истото се завршува по пат на електронска апликација и одобрување.

Плаќање на сметки

Првиот од начините за плаќање на сметките без да одите во банка е електронското плаќање преку електронско или мобилно банкарство. Доколку вашата банка нема однапред предефинирани налози за плаќање на режиски трошоци за струја, вода, парно, интернет и слично, за да го извршите плаќањето потребно ќе биде да ги следите инструкциите за плаќање од вашата сметка доставена од операторот за струја, вода, парно, телекомуникации итн.

За плаќање на сметка за режиски трошок одбирате Налог ПП30, ги внесувате сметката на примачот на парите, износот, бројот на фактура и повикувањето на број кои можете да ги видите во самата фактура. На овој начин успешно ќе можете да го реализирате плаќањето.

Многу често слушаме коментари од луѓе од типот “Доаѓам во банка бидејќи сакам да ми стават печат на сметката, за да си бидам сигурен дека сум ја платил”. Одговорот на тоа прашање е дека со било кое електронско плаќање, истото се евидентира во самиот извод на сметката на корисникот и поверодостоен доказ за тоа дека некоја сметка е платена нема.

Вториот начин на плаќање на сметки без да одите во банка го имаат неколку банки, а тоа е плаќање на режиски трошоци преку банкомат. Потребно е да ја имате само својата дебитна картичка и фактурата која сакате да ја платите, и ќе можете да го реализирате плаќањето на самиот банкомат.

Третата опција, можеби и наједноставна е креирање на траен налог за месечно подмирување на сметките за комуналии и за тековно одржување. Се што треба е да се појде еднаш во било која експозитура на вашата банка, да се потпише траен налог, со што на точен датум во месецот ќе си се наплаќа задолжената сметка од страна на операторите за услугите кои ги користите во тековниот месец.

Пред да се упатите во некоја од експозитурите на вашата банка, понесете ја со вас последната сметка за услугата која сакате да се плаќа автоматски со траен налог и вашата лична карта или пасош за идентификација во банката.

Четвртата и најевтина опција е плаќањето онлајн директно на вебсајтот на операторот за услугата која ја користите со картичка. Пример, можете да платите струја, вода, парно, телекомуникации директно со картичка на нивните вебстрани без никаква провизија за плаќањето. Потребно е да имате средства на вашата сметка и да имате одобрен лимит за интернет плаќање.

Избегнувајте ги гужвите, ориентирајте се на алтернативните начини на функционирање на банките и заштитете го Вашето и здравјето на Вашите најблиски.

До следниот банкарски совет,

Вашиот Банкар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП