Полицијата во Берлин не претпоставува дека инцидентот од средата наутро, кога автомобил влета во влезната врата од канцеларијата на Ангела Меркел, има екстремистичко потекло, а медиумите јавуваат дека истиот автомобил и во 2014 година удрил во оградата на канцеларијата.
„Во моментов не претпоставуваме дека овој чин има екстремистичко потекло“, соопшти берлинската полиција.
Според истите информации, приведен е возачот на автомобилот, кој во средата наутро удри во оградата на канцеларијата.
Сведоците велат дека зад воланот седел „средовечен човек“, кој со количка бил изнесен од местото на настанот.
На автомобилот, зелен Голф караван со регистарски ознаки од областа Липе во северозападна Германија, беа испишани зборовите: „Запрете ја глобализациската политика“ и „Проклети убијци на деца и стари лица“.
Владиниот портпарол Штефен Зајберт објасни дека „во ниту еден момент“ не постои опасност за канцеларката Ангела Меркел или кој било член на владата.
Владините седници се одржуваат редовно во зградата на канцеларијата во среда наутро, а денес во текот на денот канцеларката Меркел закажа видео конференција со премиерите на сојузните држави за новите мерки против пандемијата на коронавирусот.
Владиниот портпарол исто така рече дека е направена „мала штета“ на оградата на канцеларијата.
Според германските медиуми, истиот автомобил удрил во оградата на канцеларијата еднаш во 2014 година. Тогаш, пораките на автомобилот гласеа: „Доста со климатските промени кои убиваат луѓе“ и „Никол, те сакам“. Тогаш 48-годишниот возач на автомобилот бил испрашуван од полицијата, но набргу бил ослободен.