Кризна состојба е состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси. Вака, според Законот за управување со кризи е дефинирана кризната состојба, која од денеска се воведе на целата територија на нашата држава во траење од 30 дена, поради состојбата со корнавирусот, а на предлог на Советот за безбедност.
Одлуката на кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена, а доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба. Собранието и претседателот на државата во секое време може да побараат усмен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со кризи.Законот и овозможува на Владата да донесува oдлука за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на Градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба. Употребата на ресурсите за остварување на активностите треба да биде пропорционална според природата и интензитетот на кризната состојба, разумна според карактерот на кризата и сериозна според јачината и обемот на кризата.Во кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. По барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот или добро- волно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.

