Следната недела, од 24 до 26 ноември ќе се одржи четвртото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватните финансиски компании. Конкретно, организатори и учесници се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување, а со свои активности се очекува да се вклучи и приватниот финансиски сектор.
Заради условите што ги наметнува пандемијата на ковид-19, оваа година, Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања преку видеоконференциска врска, што ќе овозможи и вклученост на поголем број заинтересирани граѓани. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи ќе ги информираат граѓаните за активностите и е-настаните што се планираат, при што ќе известат како секој заинтересиран граѓанин ќе може да го пријави своето учество.

