20 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews

Најнови вести од светот 25.07.2013

Атина – Владата во Атина за во август најави приватизација на три јавни претпријатија – металуршкиот комбинат „Ларко“, „Компанијата за воени возила и џипови“ (ЕЛВО) и конзорциумот „Грчки одбранбен систем (ЕАЦ). Освен приватизацијата, планот, кој мора да се спроведе оваа и идната година, опфаќа и повеќе откази и пензионирање на вработени во трите претпријатија. Продажбата на државниот имот е еден од условите поврзани со исплата на помошта од 240 милијарди евра за Грција од страна на ММФ, Европската централна банка и ЕУ.

Њујорк – Новиот „Фиат 500Л“, кој од минатиот месец се продава на американскиот пазар, има карактеристичен изглед, спаѓа во класата евтини возила и има европско потекло, пишува „Ју-Ес-Еј Тудеј“, во текст посветен на автомобилот што се произведува во погоните на некогашна „Црвена Засатав“ од Крагуевац. Весникот тврди дека на патиштата на САД сега нема возила кои се слични на новиот автомобил на „Фиат“, опишувајќи го како удобен, безбеден и доволно голем за американски стандарди. – Тој е одлична комбинација на мини кросовер, подеднакво прилагоден да вози низ град, како и за долги патувања по автопатиштата. Со рачен менувач со шест брзини, тој е апсолутно експлозивен при возењето, се оценува во анализата на „Ју-Ес-Еј Тудеј“.

Белград – Овогодишната реколта на пченицата е најродна во последните 10 години, а приносите на лебно жито се рекордни и изнесуваат до дури 10 тони по хектар, изјави за Танјуг државниот секретар во српското Министерство за земјоделство Данило Голубовиќ. Пченицата ги надмина сите очекувања, квалитетот на зрното е добар, а проценките се дека производството ќе изнесува три милиони тони, потенцира Голубовиќ. – Тоа значи дека ќе имаме околу 1,5 милиони тони вишок пченица и можност да ги извеземе тие количества, наведе Голубовиќ.

Загреб – Хрватска има најбрз тренд на раст на електронската трговија во ЕУ, додека од друга страна, потрошувачите сметаат дека се меѓу најзаштитените и веруваат дека не се добро инфомирани за своите права, покажува Прегледот на потрошувачките услови што го објави Европската комисија. Процентот на потрошувачите во Хрватска кои купуваат преку интернет се уште е многу низок, 23 отсто, додека просекот во ЕУ е 45 отсто. Од друга страна, Хрватска има најбрз раст во електронската трговија бидејќи во 2008 година само осум отсто потрошувачи купувале стоки преку интернет, а во 2010 година е забележно зголемување на 14 проценти. Според индексот кој зборува за задоволството на потрошувачите на својата положба на пазарот, Хрватска е на дното на скалата со 50 поени, а зад неа се само Кипар со 49 и Грција со 47 поени. Најмногу поени – 73 имаат Финска и Велика Британија, чии потрошувачи сметаат дека се најзаштитени.

Брисел – Шпанија ќе поднесе приговор на налогот на Европската комисија со кој се бара враќање на државната помош која Мадрид им ја додели на инвеститорите во шпанските бродоградилишта, најави шпанскиот министер за индустрија Хозе Мануел Сорија. – Цврсто сме решени да поднесеме приговор, рече Сорија. Европската комисија минатата среда и нареди на Шпанија да побара враќање на поддршката за инвеститорите, истакнувајќи дека со тоа им е овозможена поповолна позиција во однос на конкуренцијата. Со таа одлука се зголемија стравувањата во врска со иднината на бродоградежништвото во Шпанија, која се соочува со рецесија и голема невработеност.

Лондон – Британската Влада и автомобилската индустрија ќе инвестираат една милијарда фунти (1,5 милијарди долари) во истражувачки центар кој ќе развива технологија со емисија на ниско ниво на гасови и дополнително ќе заштити околу 30.000 работни места во британската индустрија на автомобилски мотори. Владата и група од 27 компании, која меѓу другите ја вклучува и водечката нафтена компанија БП, индискиот производител на автомобили „Тата Моторс“ и производителот на делови ГНК, идните 10 години ќе инвестираат по 500 милиони фунти во истражувачки центар за „зелена технологија“. Британскиот автомобилски пазар бележи раст на продажбата веќе 16 месеци по ред и со тоа претставува ретка светла точка во Европа. Поради тоа, Владата се обидува да наговори што повеќе светски производители на автомобили и доставувачи за автоиндустријата, работата да ја концентрираат токму во Велика Британија.

Братислава – Најголема плата меѓу вработените Словаци има неименуван словачки банкар, кој за една година успеал да заработи 2 милиона евра. Тој се најде меѓу трите илјади најбогати банкари во Европската унија, чија годишна плата е над еден милион евра. Словачкиот весник „Правда“ пресмета дека најбогатиот вработен Словак со својата месечна плата може да купи два стана во Братислава, додека просечен Словак кредитот за својот трособен стан го отплатува цел работен век.

Москва – Руската Влада е подготвена да инвестира четири милијарди рубљи (94 милиони евра) во основање на 50 центри за напредни истражувања во подрачјето на информатичката технологија ИТ, изјави министерот за комуникации Николај Никифоров. Тој додаде дека главна улога во тие центри ќе имаат универзитетите и научно-истражувачките институти, вклучувајќи го Институтот на Руската академија на науките. Министерот потенцира дека нема да има никакви ограничувања за тие што би сакале да учестуваат во тој проект. Никифоров истакна дека главна цел на основањето на ваков центар е привлекување на експерти од самата ИТ индустрија и обединување на обидите на државата и интересите на пазарот.

Њујорк – Инвеститорите во другите земји оваа година ќе вложат и ќе ја шират својата дејност, исто како што тоа го правеа и во 2012 година. Нивото на странските директни инвестиции во светот во 2013 година ќе достигне најмногу 1,45 билиони долари, предвидува Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД). Нешто поголем раст до 1,6 билиони, прекугранични инвестиции ќе стигнат идната година, додека во 2015 година се прогнозираат инвестиции од 1,8 билиони долари. Анкета меѓу инвеститорите покажува дека најмногу надеж се полага на инвестиции од Кина. Дури 60 отсто испитаници веруваат дека тие ќе бидат главен извор за инвестиции.

Мексико Сити – Мексиканската влада најави дека во идните пет години ќе инвестира околу 100 милијарди долари во проекти во секторите на железницата, патиштата и пристаништата, вклучувајќи ја изградбата на првата брза железница во Мексико. Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието изјави дека ќе се изградат околу 580 километри брзи пруги, вклучувајќи ги тие меѓу Мексико Сити и блиските градови Толус и Куеретара. Уште една брза линија ќе ги двата краја на полуостровот Јукатан. Мексико пред повеќе од 10 години го укина редовниот железнички превоз, но сега сака повторно да го покрене.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП