Британската економија порасна за 1,1% во септември во споредба со август, што е побавно отколку што се очекуваше, иако последните ограничувања на деловната активност сè уште не беа воведени.
Економистите анкетирани од „Reuters“ очекуваа месечен раст од 1,5% во септември.
Во исто време, во третиот квартал, бруто домашниот производ (БДП) на земјата пораснал за рекордни 15,5% во споредба со претходните три месеци, покажуваат податоците на Националниот завод за статистика.
Но, тоа не успеа да го надомести падот од скоро 20% во вториот квартал, кога земјата беше заробена од првиот ковид-бран.
Минатата недела, Банката на Англија (ВоЕ) објави дека шестата по големина економија во светот веројатно ќе се намали за рекордни 11% во 2020-та година, пред да порасне за нешто повеќе од 7% во 2021-ва година.
Од тогаш, сепак, веста за потенцијално ефективна вакцина против ковид-19 ги зголеми надежите дека заздравувањето за следната година може да биде посилно од предвидувањата на централната банка.
Владата ја поддржа британската економија со итни мерки и намалување на даноците во вредност од над 200 милијарди фунти, како и програмата за купување на обврзници „ВоЕ“, која е проширена на скоро 900 милијарди фунти.
И покрај огромната поддршка, британската економија претрпе најголем пад меѓу најголемите економии, според националната статистика.
БДП-то останува скоро 10% понизок отколку пред пандемијата, опаѓајќи двојно повеќе отколку во Италија, Германија и Франција и скоро три пати поголем отколку во САД.
Министерот за финансии Риши Сунак рече дека мерките за спречување на ширењето на ковид-19 може да го забават економскиот раст од септември.
„Денешните податоци покажуваат дека нашата економија закрепна во текот на летото, но започна е полека да се намалува наесен. Чекорите што требаше да ги преземеме од тогаш за да го запреме ширењето на вирусот, веројатно ќе го забават растот уште повеќе“, рече тој.