19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБ: Поставеноста на монетарната политика е соодветна на макроекономските услови

НБ: Поставеноста на монетарната политика е соодветна на макроекономските услови

На 10 ноември 2020 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5%. Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи придонесоа за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, а при и понатаму присутни ризици, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

Последно расположливите показатели за економската активност за третиот квартал посочуваат на забавување на падот, во услови на намалување на рестриктивните мерки и приспособување на однесувањето на субјектите на новонастанатите околности. Видливо забавување се забележува кај годишните стапки на пад на индустријата, што е во согласност и со закрепнувањето на извoзната активност. Нешто подобри се и остварувањата кај градежништвото, прометот во угостителството и кај трговијата. Показателите за личната потрошувачка и инвестициите, исто така упатуваат на одредено закрепнување во овој период. Во однос на проекциите на Народната банка, послабите остварувања во првото тримесечје, како и оцените за продолжен ефект од здравствената криза упатуваат на надолни ризици за економските изгледи.

Инфлацијата и во првите десет месеци од 2020 година е умерена и стабилна и во просек на годишна основа изнесува 1%. Структурно гледано, цените на храната имаат најголем придонес во вкупната инфлација, а позитивен е придонесот и на базичната инфлација. Енергетската компонента и натаму се намалува во согласност со поместувањата на светските цени на енергенсите. Остварената инфлација е над проекцијата за 2020 година од 0% во 2020 година. Во услови на намалување на економската активност и пад на увозните цени, ваквите отстапувања укажуваат на влијание на специфични фактори поврзани со пандемијата врз понудата и побарувачката врз цените на одредени производи. Во следниот период и понатаму има ризик од променливост на увозните цени, особено во услови на пандемија.

Последните податоци за девизните резерви покажуваат дека тие и понатаму се на соодветно ниво и во сигурната зона. Од почетокотна годината, девизните резерви бележат зголемување, поддржани од средствата обезбедени преку надворешни извори на финансирање. Во однос на податоците од надворешниот сектор, тие покажуваат намалување на трговскиот дефицит, во согласност со очекувањата. Воедно, се забележува и постепено стабилизирање на понудата на менувачкиот пазар. Општо земено, надворешната позиција на економијата е стабилна, што е видливо и преку отсуството на поголема потреба за интервенции од страна на Народната банка.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за октомври покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, којшто е во согласност со очекувањата.

Во периодот од последната, октомвриска, седница на Комитетот па наваму, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута и натаму се зголемува, што придонесе за повремена и ниска потреба кај банките за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари. Остварувањата на домашните финансиски пазари во октомври упатуваат на натамошно продолжување на поволните движења на девизниот пазар. Овој тренд е главно предводен од натамошното зголемување на понудата на девизи од физичките лица на менувачкиот и на девизниот пазар, којашто во октомври достигна највисоко ниво од почетокот на здравствената криза наваму. Поради овие случувања, како и поради задржувањето на девизната ликвидност на банките на релативно стабилно ниво, Народната банка и во текот на октомври ретко присуствуваше на девизниот пазар, преку ниски интервенции за продажба на девизи на домашните деловни банки.

Во октомври, централните банки во светски рамки и натаму спроведуваат експанзивни политики, а движењата на меѓународните финансиски пазари главно беа одредени од зголемената загриженост на инвеститорите поради вториот бран на ширење на корона-вирусот и преземените рестриктивни мерки (главно во Европа) за спречување на негативните ефекти и ширењето на вирусот. Дополнително влијание врз движењата на меѓународните финансиски пазари имаа и: наведувањето на можноста за натамошно олабавување на монетарната политика од страна на ЕЦБ, информациите околу фискалната поддршка во САД, како и продолжувањето на преговорите за Брегзит помеѓу ЕУ и Обединетото Кралство. Во такви околности, вредноста на САД-доларот во однос на еврото се зголеми, а цените на најбезбедните државни обврзници во еврозоната умерено се зголемија. На почетокот на ноември, вредноста на САД-доларот се движеше во спротивна насока, главно во услови на неизвесност околу исходот од претседателските избори во САД и идниот состав на Конгресот, а потоа и по прогласената победа на кандидатот на Демократската партија.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега тековите се стабилни, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку тоа е потребно.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП