29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнвеститорите губат доверба во германската економија

Инвеститорите губат доверба во германската економија

Довербата на инвеститорите во економското закрепнување на Германија е погодена од новите ограничувања на деловните активности наметнати од влошената пандемија, пренесува „Bloomberg“.

Германскиот индекс на економски очекувања, мерен од институтот „ZEW“, падна втор месец по ред на 39 поени во ноември од 56,1 поени во октомври, нешто помалку од очекувањата за пад на 40 поени, според „Тrading Economics“.

Индексот, мерејќи го расположението за моменталната состојба, падна на -64,3 поени, од -59,5 поени во претходниот месец и нешто над очекувањата од -65 поени. Економското расположение во еврозоната падна на 32,8 поени од 52,4 поени, многу повеќе од очекуваниот пад на 43,3 поени. Индикаторот за моменталната состојба благо се зголеми за 0,2 поени на -76,4 поени.

„Финансиските експерти се загрижени за економското влијание на вториот бран од Ковид-19 и на што ќе доведе ова. Како резултат, економските расположенија на „ZEW“ повторно нагло паднаа во ноември, што укажува на забавување на економското закрепнување на Германија “, рече претседателот на „ZEW“, Ахим Вамбах.

Исто така, постои дополнителна загриженост дека германската економија може да се врати во рецесија. Според експертите, ниту разговорите за Брегзит, ниту резултатите од претседателските избори во САД, во моментот не влијаат на економските очекувања за Германија.

Потопувањето на индикаторот сè уште може да биде привремено. Анкетата е спроведена пред веста во понеделникот дека „Pfizer Inc.“ и германската компанија „BioNTech“ можеби се близу до пуштање на вакцина против коронавирусот. Глобалните берзи го поздравија соопштението, а германскиот индекс „DAX“ забележа најголем пораст од мај.

Сепак, откривањето на вакцина нема да доведе до многу брзо прилагодување на економските индикатори.

За производството и дистрибуцијата на вакцината ќе биде потребно време, социјалните и деловните ограничувања засега остануваат во сила, а штетата предизвикана од пандемијата веројатно ќе биде трајна, пишува „Bloomberg“.

Невработеноста расте и компаниите, особено во услужниот сектор, се борат да преживеат. Европската комисија ја намали прогнозата за економијата во еврозоната во 2021-ва година, владите ја зголемуваат својата поддршка, а Европската централна банка ја забележа веројатната потреба за повеќе парични стимуланси.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП