Британскиот производител на луксузни автомобили „Bentley“ објави дека ќе престане да произведува мотори со внатрешно согорување во следната деценија. Најдоцна во 2030-та година, целата палета на марката ќе се состои од електрични автомобили, изјави извршниот директор на „Bentley“, Адријан Холмарк.
Тој беше категоричен дека неговата компанија ќе продолжи да биде меѓу лидерите во луксузната класа, веќе подготвувајќи не едно, туку цело семејство на електрични автомобили. Првиот од нив ќе биде готов во 2025-та година, а за него ќе се користи комплетно нова платформа. Една година подоцна, гамата на „Bentley“ ќе биде со само хибриди и електрични автомобили, а до крајот на деценијата, марката ќе се откаже од употребата на мотори со внатрешно согорување.
„Иднината на „Bentley“ е целосно електрична. Ова е патот по кој се движи автомобилската индустрија и ние сакаме да бидеме во првите редови на промените. Разговараме со нашите клиенти и 55% од нив се заинтересирани за купување електричен „Bentley““, рече Холмарк.

Во исто време, друга марка која произведува скапи автомобили – „Ферари“, нема намера да се откаже од моторите со внатрешно согорување. Ова го изјави извршниот директор Луис Камилери пред инвеститорите во компанијата. 65-годишниот шеф на италијанскиот производител е уверен дека до крајот на животот „Ferrari“ ќе нуди автомобили со мотори со внатрешно согорување.
„И покрај глобалната мода за електрификација, која ја прифатија сите водечки производители, „Ferrari“ нема да брза да ги напушти моторите со внатрешно согорување и тие ќе останат голем дел од нашите автомобили“, рече Камилери.
Сепак, појасни дека неговата компанија планира да создаде „зелен“ суперавтомобил, кој ќе добие по еден електромотор на секое тркало. Неговото лансирање би можело да се случи најрано во 2025-та година, бидејќи инженерите на „Ferrari“ продолжуваат да се соочуваат со огромни проблеми во развојот.
„Денешната технологија не е доволно напредна, особено конструкцијата на батерии кои се полнат премногу бавно и не можат да обезбедат доволно километража“, рече шефот на „Ferrari“.