19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДолгот на Италија може да излезе од контрола

Долгот на Италија може да излезе од контрола

Јавниот долг на Италија може да излезе од контрола следната година, освен ако економијата брзо не се опорави од втората блокада поради коронавирусот, рече пратеник на владејачката коалиција, цитиран од „Bloomberg“.

„Италија ќе ја заврши оваа година со сооднос на долг кон БДП од околу 160% ако економското закрепнување биде слабо, ризикувајќи експлозивна динамика на долгот уште во 2021-ва година”, рече Луиџи Маратин, кој е на чело на финансискиот комитет во долниот дом на парламентот.

Новите мерки, потпишани од премиерот Џузепе Конте, забрануваат Италијанци да заминуваат или да влегуваат во градови во области со висок ризик, вклучително и финансискиот главен град Милано, бидејќи владата се обидува да го контролира новиот бран на ковид-19.

Втората блокада за шест месеци е уште еден удар врз и онака проблематичната економија. Конте подготви најмалку уште 1,5 милијарди евра (1,75 милијарди долари) деловна помош.

„Ми се чини јасно дека Италија ќе се соочи со негативен раст во четвртиот квартал“, рече Маратин, полошо отколку што предвидуваше владата.

Италијанскиот буџет сугерира дека бруто домашниот производ (БДП) може да се намали за 10,5% оваа година во најлошото сценарио и да се зголеми за само 1,8% во 2021-ва година.

Според предвидувањата на „Oxford Economics“, БДП-то на Италија може да падне за околу 2% во последниот квартал од годинава по воведувањето на новите мерки.

Според Маратин, од суштинско значење е Италија да искористи максимално од помошта на Европската унија што ќе ја добие од 2021-ва година и предупреди дека забавувањето може да претставува дополнителен ризик за изгледите за економијата. Рим треба да добие најголем дел од фондовите за реконструкција од ЕУ, со дури 209 милијарди евра грантови и заеми според програмата. Сепак, сè уште нема конечно одобрување на механизмот, бидејќи ова прашање се преговара во Европскиот парламент.

Партијата „Вива Италија“ на Маратин, партнер во владејачката коалиција, е предводена од поранешниот премиер Матео Ренци и редовно се судира со Конте и неговите главни сојузници, Движењето „Пет ѕвезди“ и „Демократската партија“. „Вива Италија“ ја повика владата да ги ограничи мерките против вирусот за да го заштити бизнисот.

„Вистинскиот проблем на Италија е неуспехот да ја модернизира својата економија во економската стагнација во 1920-тите, а не вирусот“, рече Маратин. Тој рече дека на пазарот на труд и капитал, судовите и даночниот систем им се потребни реформи и повика на напори да се пренасочат кон повеќе мрежни услуги и да привлечат повеќе жени во работната сила.

Според него, Италија мора да се подготви за можноста Европската централна банка да стави крај на програмата за откуп на обврзници, што досега ги намали трошоците за позајмување.

„Дури и ако приносот на обврзниците остане историски низок, Италија ќе се соочи со финансиски проблеми без побрз раст“, ​​рече тој.

„Интервенцијата на ЕЦБ треба да се смета за малку украдено време. Доколку биде прифатен како Дедо Мраз кој доаѓа и ги решава сите проблеми, тогаш ќе мора да им објасниме на луѓето дека Дедо Мраз не постои“, рече Маратин.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП