19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМоже ли Трамп да го повтори успехот од 2016 година?

Може ли Трамп да го повтори успехот од 2016 година?

Иако повеќето истражувања на јавното мислење на крајот од трката за претседател на САД го фаворизираат демократот Џозеф Бајден пред сегашниот шеф на државата, републиканецот Доналд Трамп, според анкетата објавена на неговата веб-страна од Расмусен (Rasmussen Reports) во понеделникот, 26 октомври, Трамп за прв пат е во мала предност пред Бајден – 48:47 проценти.

Како што се прецизира, учествувале 1.500 потенцијални гласачи, кои одговарале преку телефонски повици и на интернет, на 21 и 22 октомври. Во исто време, три проценти од испитаниците изјавиле дека претпочитаат „трет кандидат“, додека два процента одговориле дека не се решени како да гласаат на 3 ноември. Во претходната анкета на Расмусен, чии резултати беа објавени на 21 октомври, демократот имаше предност пред републиканецот од три процентни поени – 49 : 46 проценти.

Внимателните набудувачи во (пред)изборната ситуација во Америка истакнуваат дека Трамп не треба да се „отпише“ до последен момент. Како главен аргумент за ваквото тврдење, тие наведуваат дека демократската кандидатка Хилари Клинтон, според анкетите, имала јасна предност пред актуелниот претседател скоро цела 2016 година, но на крајот изгубила поради гласовите на електорскиот колеџ. За илустрација, Блумберг на крајот од кампањата објави дека Хилари Клинтон е поддржана од 48,2 проценти од гласачите на ниво на САД, а Трамп од 46,1 процент, а „Економист“ предвидуваше дека 45 проценти од Американците ќе гласаат за кандидатката на демократите, додека нејзиниот ривал од републиканците ќе добие 41 процент од гласовите. Другите анкети спроведени кон крајот на октомври и почетокот на ноември 2016 година дадоа слична „слика“ – АБЦ предвиде резултат од 47:43 проценти за Хилари Клинтон, како и Гравис, а Фокс њуз 48 проценти за Клинтон: 44 проценти за Трамп, додека Монмут најави дека 50 проценти од гласачите ќе гласаат за демократската „надеж“, а 44 проценти за „адутот“ на републиканците.

Се напоменува дека аналитичарите главно ја повторуваат грешката од 2016 година – кога во голема мера ги потценија приврзаниците на Доналд Трамп, особено во неколку таканаречени „колебливи држави“, во кои ниту демократите, ниту републиканците немаат цврсто стапало врз гласачкото тело. За илустрација, шест такви американски држави го поддржаа Трамп во 2016 година, а четири години претходно тие гласаа за демократот Барак Обама. Исто така, се смета дека поддршката на демократските кандидати честопати е преценета, односно повеќе луѓе во анкетите изјавуваат дека ќе гласаат за Бајден отколку што тоа е случај на денот на изборите.

Флорида и овој пат се доживува како една од најнеизвесните „сцени“ на изборната „битка“. Според истражувањето објавено од Си-Би-Ес њуз на 23 октомври, Бајден има поддршка од 50 проценти од граѓаните на таа американска држава, додека Трамп е поддржан од 48 проценти, додека „Серви Mанки“ во анкетата презентирана еден ден подоцна наведува дека Трамп е поддржан од 49 проценти од гласачите, а Бајден 48 проценти. Пред четири години, Трамп ја победи Хилари Клинтон на Флорида со резултат 49:48 проценти.

Ситуацијата е подеднакво неизвесна и во Џорџија. Анкетата спроведена од “Атланта журнал конситушн” му дава на Бајден предност од еден процентен поен (47:46 проценти), додека резултатите од анкетите во Пенсилванија се различни. На пример, Инсајдер Адвантаж предвидува дека 48% од жителите на Пенсилванија ќе гласаат за Трамп, а 46% за Бајден, додека Ројтерс предвидува дека 50% од гласачите во таа земја ќе го поддржат Бајден, а 45% Трамп.

Од друга страна, податоците за Тексас се „поизбалансирани“ – според сите истражувања, кандидатот на републиканците е во водство. Меѓу другото, Њујорк Тајмс објави дека 47 проценти од жителите набТексас го поддржуваат Трамп, а 43 проценти го поддржуваат Бајден, додека анкетата на Универзитетот во Хјустон му дава уште поголема предност на републиканскиот кандидат во Тексас – 50:45 проценти. Ајова е исто така на списокот на „колебливи држави“. Според анкетата спроведена од “Серви Манки”, Трамп и Бајден се изедначени – 49:49 проценти, а Универзитетот Монмут му дава мала предност на сегашниот претседател – 48:47 проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП