Народната банка склучи Договор за соработка со Европската централна банка (ЕЦБ) во сферата на заштитата на банкнотите во евра од фалсификување. Со ова се остварува уште еден чекор во исполнувањето на препораките од најновиот извештај на Европската комисија и се потврдува цврстата стратегиска определба на Народната банка за чекорење по патот кон Европскиот систем на централни банки.
Со Договорот потпишан од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, е предвидено ЕЦБ, на барање на Народната банка, да обезбедува технички информации за оригиналните банкноти во евра, како и информации поврзани со фалсификуваните банкноти во евра. Врз основа на овие информации, отсега, Народната банка ќе може полесно да ги класифицира регистрираните фалсификати на територијата на нашата земја. Истовремено, предвидено е Народната банка да испраќа редовни месечни извештаи до ЕЦБ со коишто ќе ја известува за сите регистрирани фалсификувани банкноти во евра откриени на територијата на нашата земја.

