Извозот на Кина порасна четврти месец по ред во септември, пораст исто така бележи и увозот, што сигнализира континуирано закрепнување во изминатиот месец во светската трговија и стабилизирање на домашниот пазар.
Извозот од најголемата азиска економија се зголемил за 9,9 проценти во септември во однос на претходната година, додека увозот пораснал за 13,2 проценти, објави „Bloomberg“, повикувајќи се на податоци на кинеската управа за царина. Наспроти позадината на овие вредности, трговскиот суфицит на земјата достигнува 37 милијарди долари за месецот.
Економистите предвидуваат дека извозот ќе се зголеми за 10%, додека увозот ќе се зголеми за 0,4 проценти.
Податоците покажуваат дека релативно брзото враќање на производството во Кина со полна брзина по националните блокади заради коронавирусот и овозможува на земјата да ги искористи предностите на повторното отворање на производството и побарувачката на потрошувачите во други земји. Од друга страна, новото зголемување на бројот на случаи со ковид-19 во Европа и на други места во светот претставува закана за целосно закрепнување на Кина, а на овие ризици може да им се додадат и геополитичките тензии со Соединетите држави.
Силните перформанси на увозот може делумно да се должат на залихите акумулирани од технолошката индустрија пред да бидат воведени санкциите на САД врз телекомуникациската компанија „Huawei“. Во овој поглед, набавките од Тајван скокнаа за 35,8 проценти, додека увозот од Јапонија и Јужна Кореја се зголемил за 13,4 проценти, односно 17,2 проценти.
Увозот на интегрални кола достигнува рекордно ниво во апсолутна смисла, факт „веројатно се должи и на домашното закрепнување и на геополитичките тензии“, рече Томи Сие, економист во сингапурската „Oversea Chinese Banking Corp.“. „Од една страна, ова се должи на големата побарувачка на електронски производи поради далечинско работење. Од друга страна, мислам дека компаниите се снабдуваат со стоки, стравувајќи од дополнителни ограничувања од САД“, додаде Сие.
Извозот од Кина во САД се зголемил за 20,5% на 44 милијарди долари, а увозот се зголеми за скоро 25% на 13,2 милијарди долари, покажуваат податоците на царината. Тоа води до трговски суфицит од 30,8 милијарди долари, според проценките на „Bloomberg“.