29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнкета на Народната банка: Нема позначителни промени во очекувањата на анкетираните економски...

Анкета на Народната банка: Нема позначителни промени во очекувањата на анкетираните економски аналитичари за просечната стапка на инфлација

Народната банка ги објави резултатите од најновата Анкета за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП, спроведена во септември оваа година со анкетирање економски аналитичари од земјата.

Резултатите од Анкетата не упатуваат на позначителни промени во очекувањата на анкетираните економски аналитичари за просечната стапка на инфлација. Поконкретно, просечните очекувања за 2020, 2021 и 2022 година се речиси непроменети во однос на претходната анкета спроведена во јуни и упатуваат на просечна стапка од 0,6% во 2020 година, додека за 2021 и 2022 година и натаму посочуваат на просечна инфлација од 1,3% и 1,6%, соодветно. Оттука, и оцените на анкетираните економски аналитичари упатуваат на очекувања за ниска и стабилна инфлација, како до крајот на оваа година, така и во претстојниот двегодишен период, со постепен раст на цените.

Во следните две години, испитаниците очекуваат постепено надминување на кризата и закрепнување на економијата. Во поглед на економската активност, во споредба со претходната анкета, анкетираните аналитичари очекуваат подлабок пад на домашната економија оваа година од 4,3%, но и нешто повисок економски раст во 2021 и 2022 година од 2,7% и 3,4%, соодветно. Слично како и во претходната анкета, ваквите очекувања се поврзуваат со: неизвесноста од глобалната криза од вирусот ковид-19 и можноста за воведување нови рестриктивни мерки за справување со него, неизвесната странска побарувачка и нејзиното влијание врз домашната економија, намалувањето на домашната побарувачка, како и воздржаноста на странските и домашните инвеститори и пониската кредитна активност. Од друга страна, аналитичарите очекуваат дека преземените монетарни и фискални мерки, напредокот во евроатланските интеграции и оптимизмот за пронаоѓање на вакцината којашто би била ефикасна за справување со корона-вирусот, како и забрзаното остварување на капиталните проекти ќе имаат позитивно влијание врз економијата во наредниот период и ќе придонесат за посткризно забрзување на нејзиниот раст.

Заклучоците од оваа анкета којашто Народната банка ја спроведува четирипати годишно ги претставуваат ставовите на испитаниците економски аналитичари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП