Во извештајот на Европската комисија се вели дека постои потреба од подобрување на пристапот до информации, учество на јавноста и консултирање во процесот на носење на одлуки од значење за животната средина и климата. Институциите треба да бидат повеќе транспарентни и на најсоодветен начин да ги вклучат и информираат граѓаните кога станува збор за носење и имплементирање на политиките во овие сектори.
- Во делот на аерозагадувањето според ЕК недостасува соработка помеѓу институциите како и имплементација на плановите кои веќе ги имаме. Според нас, меѓусекторска соработка недостасува и во сите други области во поглавјето 27, и сметаме дека е повеќе од потребно сите институции да имаат обучено и стручно лице кое ќе биде посветено на соработката со другите институции во справување со итни теми како аерозагадување, климатски промени, заштита на биодиверзитет. За подобра имплементација на општинските планови за аерозагадување потребно е подобро информирање и консултирање на одлуките со граѓаните како и консултирање на општинските планови со националните како не би имале мерки кои си пречат една на друга, наместо да се надополнуваат, заклучуваат од Еко-Свест.
Според извештајот Македонија се уште нема систем за селектирање на отпад, за сепарација и рециклирање на целиот отпад кој го создаваме како едно од побарувањата за намалување на емисиите на стакленички гасови. Воспоставување на функционален систем за справување со отпадот е и основно побарување на патот кон зелената економија.

