29 март, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕХрана која го подобрува вашето расположение и ви дава повеќе енергија

Храна која го подобрува вашето расположение и ви дава повеќе енергија

Сакате да имате енергија цел ден и да правите сe со насмевка на лицето без нервоза и лутина? Внимавајте на исхраната и ќе дојдете многу блиску до вашата цел. Консумирањето на одредена храна може да го промени вашиот метаболизам и работата на мозокот, а тоа неизбежно влијае на вашето расположение и количеството на енергија.

Па, еве од каде да започнете:

Кафе

Првата утринска насмевка на луѓето често доаѓа во првата голтка кафе. Милиони луѓе низ светот си ја покачуваат енергијата наутро со шолја кафе. И во право се да го прават тоа.

Кофеинот во кафето го забрзува метаболизмот, ја зголемува концентрацијата и го покачува нивото на енергија. Сепак, пиењето кафе на празен стомак и не е најумното нешто што можете да го направите. Пред да се напиете кафе, каснете барем еден овошен плод.

Добро е да знаете дека консумирањето на помало количество кафе повеќе пати во денот е многу подобро за вашата енергија и концентрација отколку консумирањето на кафе во големи количини.

Чај

Ако ви е преку глава од колегата кој постојано се жали или пак плановите за излегување ви пропаднале во вода, скротете ја вашата лутина со чаша чај.

Зелениот чај смирува и ја подобрува концентрацијата, а црниот чај го подобрува расположението.

Чајот исто како и кафето содржи кофеин, но во помали количини. Кофеинот го забрзува метаболизмот и ви дава енергија.

Добри јаглехидрати

Повеќето диети го ограничуваат консумирањето на јаглехидрати, но тие се многу важни ако сакате да се радувате на добро расположение.

Јаглехидратите не треба да ги внесувате преку слатки десерти, туку преку добри извори како житарки, мешунки и кафеав ориз. Јаглехидратите од слатките десерти предизвикуваат најпрво голем пораст, а потоа пад на нивото на шеќер во крвта.

Житарките се апсорбираат многу побавно, па така се одржува стабилно нивото на шеќер и енергија.

Банани

Излупете една банана за да си го подобрите расположението.

Бананите содржат триптофан кој телото го користи за да создава серотонин (хормонот на среќата). Бананите содржат и многу калиум. Нивото на калиум во телото може да се намали поради стресот, па со помош на банани можете да го стабилизирате.

Освен тоа, бананите се богати и со витамин Б6, кој помага во регулирањето на шеќерот во крвта и се бори против променливото расположение.

Јаткасти плодови

Барате мала ужина за да си ја покачите енергијата наутро или попладне? Наполнете една рака со јаткасти плодови како ореви, бадеми или бразилски оревчиња.

Не само што се полни со протеини, туку јаткастите плодови содржат и многу магнезиум, а магнезиумот игра голема улога при претворањето на шеќерот во енергија.

Јаткастите плодови содржат и омега-3 масни киселини за кои се верува дека помагаат во борбата против депресијата. Тие се корисни и за срцето, мозокот и во превенцијата од некои видови на рак.

Спанаќ

Секогаш кога доаѓа 16 часот попладне се чувствувате поспани, енергијата ви паѓа и не можете да се концентрирате? Наместо да посегнувате по третата чаша кафе, направете си свежа салата од спанаќ.

Спанаќот содржи фолна киселина за која се знае дека може да го намали ризикот од депресија. Салатата од спанаќ ќе ве освежи и ќе ви ја даде потребната енергија за да продолжите да живеете активно.

Лосос

Лососот е еден од најбогатите извори на омега-3 масни киселини, кои помагаат за намалување на вознемиреноста. Долгогодишни истражувања покажале дека редовната консумација на омега-3 масни киселини помага и во превенцијата и во лекувањето на клиничка депресија.

Постојат многу докази дека омега-3 масните киселини им помагаат на луѓето полесно да се справат со лутината и раздразливоста.

Лососот содржи и многу витамин Д, кој обично се создава кога сме изложени на сонце. Витаминот Д е една од причините зошто луѓето се посреќни во сончеви денови.

Темно чоколадо

Највкусното за крај. Доволни се само неколку коцки темно чоколадо за вашиот мозок да започне да создава ендорфин и да го зголеми нивото на серотонин, познат и како хормонот на среќата.

Консумирањето на чоколадо го подобрува и расположението, а поради тоа што содржи и кофеин, чоколадото ја зголемува и енергијата.

Кога сакате да се почестите со чоколадо, изберете темно чоколадо. За разлика од обичното, темното чоколадо содржи повисок процент на какао.

Консумирањето на чоколадо треба да биде умерено. Ако изедете половина или цела табла чоколадо, позитивниот ефект врз расположението најверојатно ќе се намали затоа што ќе чувствувате грижа на совест и ќе размислувате како тоа ќе се одрази на вашата линија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП