Во текот на пандемијата на коронавирусот, вкупното богатство на милијардерите се зголеми на 10,2 трилиони долари, се вели во извештајот на швајцарската банка UBS.
Од април, кога започна кризата предизвикана од пандемијата, до јули, нивното богатство пораснало за 27,5 проценти, додека од друга страна милиони луѓе останаа без работа, пишува британскиот весник Гардијан. На растот на богатството најмногу влијаеле берзантските движења за време на пандемијата.
Од UBS истакнаа дека нивното богатство достигнало нов врв, потсетувајќи дека на крајот на 2017 година, тоа изнесувало 8,9 трилиони долари. Бројот на милијардери е зголемен во споредба со три години порано. Тогаш имало 2.158, а сега има 2.189.
Џозеф Стадлер од UBS смета дека милијардерите уште повеќе профитирале од кризата затоа што, како што рече, имаат стомак да купуваат повеќе акции на компании во време кога пазарите ширум светот пропаѓаат. Сепак, вредноста на акциите на индивидуалните технолошки компании, кои се во сопственост на милијардери, значително се зголеми во последните месеци.
Стадлер е на мислење дека милијардерите имаат „апетит за значителен ризик“ и дека се сигурни дека нема да ја прокоцкаат својата среќа.
Директорот на “Тинктанк” центарот, Лук Хилиард, истакна дека концентрацијата на богатството е „многу грд феномен од морална перспектива и дека е економски и социјално деструктивен“.
Лидерот на Амазон, Џозеф Безос, сè уште е најбогатиот човек во светот и неговото богатство се проценува на 189 милијарди долари.